Анксиозноста при испит или тест е комбинација од психолошки и соматски симптоми како загриженост, напнатост, страв од неуспех, намалена концентрација, потење на дланките, срцебиење, плитко дишење итн. Тоа е поттип на вознемиреност поврзана со емоции кои се интензивираат кога некое лице се соочува со испитување и тестирање на сопствените способности.

Децата што се чувствуваат вознемирени на тест најчесто го владеат целиот материјал, но поради чувство на несигурност за време на тестот, самото испитување се претвора во стресогена ситуација при која се лачи кортизол во мозокот на детето и тоа добива ментална, т.е. когнитивна блокада. Тие деца ќе кажат: „Сè научив, а на тестот малку решив“, „Пред тестот сè знаев, а повторно добив слаба оценка.“

Ваквата состојба кај детето влијае врз целокупната слика за себе, автоперцепцијата и себепочитта бидејќи кај овие деца владее убедувањето дека ги разочарале родителите, наставниците и себеси. Сметаат дека не се доволно добри. На тој начин престануваат да си веруваат себеси и на своите потенцијали и постепено ја губат својата амбициозност, т.е. ја губат волјата кога станува збор за училишните обврски.

Кај ваквата психолошка проблематика, родителите се тие што треба први да ја забележат оваа состојба и однесување на детето, да побараат стручна помош, да разговараат со учителот или предметниот наставник. Откако ќе ја препознаат таквата состојба, потребно е на детето да му се укаже психолошка поддршка со цел тоа да создаде доверба и сојузништво со возрасните за да ја зацели својата личност и да ѝ ги врати нејзините потенцијали. Откривањето на причината за училишната анксиозност е впрочем и самото решение.

Тоа може да биде психолошкиот притисок кој го наметнале родителите или другите авторитети преку барањата и очекувањата што ги имаат од детето, а кои не соодветстуваат со неговите развојни постигнувања. Потоа колективистичкиот однос и истиснување на индивидуалистичкиот однос кон постигнувањата на детето, како на пример, во сè да се биде добар, без да се негува брилијантноста на јаките страни во кои детето се чувствува посигурно и психолошки помоќно.

Детето од најрана возраст треба да знае кои се негови јаки, а кои се негови послаби страни, односно што му оди добро, а што не му оди добро. Исто така, изразениот критички пристап кон постигнувањата на детето кој го учи детето да се фиксира на резултатот, а не на трудот и вложениот напор. Во тој случај, детето ќе се плаши од грешка и ќе ја препознава како закана.

Адолесцентите над 16-годишна возраст можат да ги користат картичките „Остануваме смирени и мудри“, чија цел е преку когнитивна техника да постигнат психолошки баланс кој ќе создаде простор за подобри академски резултати.



912

X