Во оној момент кога ќе бидеме свесни за уникатноста на другите индивидуи, ќе ја добиеме свесноста за нашата вредност, вели Десподова
Детето уште од мало треба да се учи да ги прифаќа различните од себе. Така, според психологот Марија Десподова, децата ќе се прифатат себеси, ќе станат свесни за сопствената вредност, а и ќе се заштитат од агресија и од булинг (врсничко насилство). Децата не се родени со чувство за дискриминација. Тие учат да се толерантни или да мразат. Затоа родителите и сите што учествуваат во воспитувањето мора да изберат да ги учат на позитивното.
Што со личности како Фреди Меркјури, Дејвид Боуви, Ејми Вајнхаус…
Во оној момент кога ќе бидеме свесни за уникатноста на другите индивидуи, ќе ја добиеме свесноста за нашата вредност. Затоа е и значајно децата да го научат тоа што порано, вели Десподова.
Марија Десподова
– Најголемо влијание и моќ врз децата имаат возрасните личности во нивните животи. Гледањето низ призмата на боите, како што го нарекуваме прифаќањето на уникатноста на другите, го носи себеприфаќањето, преку согледување на различностите на другите. Учењето за различностите и нивно прифаќање го намалуваат насилството во училишниот период од животот на децата, а и подоцна, кога ќе се оформат како личности. Токму затоа е значајно уште од најмала возраст да се учи за различностите помеѓу нас – вели Десподова.
Најчесто денес се прифаќаат норми на однесување или на надворешност на оние личности што се вклопуваат во некои матрици на „нормалност“.
– Што со личности како Фреди Меркјури, Дејвид Боуви, Ејми Вајнхаус… кои ги рушат правилата на севкупната слика за „нормалност“? Треба ли да дозволиме неспознавањето на различностите да доведе до порив да се наштети наместо да се спознае – вели Десподова.
Таа забележува дека има премногу цртани филмови во кои се препишуваат стереотипни улоги. Така, женските ликови се оние што се грижат за домот, а машките се оние што војуваат и освојуваат.
– Ајде да разговараме за „Мулан“, во која се рушат стереотипните улоги. Значајноста на улогата на родителот како модел на однесување кое детето ја презема и препишува на себе е енормна. Затоа во ситуации кога родителот и детето се во контакт со некој што има надворешна различност, родителот може да ја искористи пригодата да покаже добри социјални вештини, да биде љубезен, отворен и да прифаќа – објаснува психологот.
Особено е важно да се нагласи дека многу деца имаат различности што не се физички видливи.
– Да разговараме со децата за тоа кои се тие разлики и кои сличности ги имаат со нив, да им објасниме дека живеењето со недостаток е сила. Родителите што сакаат да ги научат своите деца на прифаќање на различностите треба да се сентиментални во делот на културни стереотипи, а доколку ги поседуваат, да ги променат, почитувајќи ги другите. Ова важи за сите нас – вели Десподова.
Само љубовта може да нè ослободи од омраза
Верувањата изразени во говорот и однесувањето на возрасните кон одредена група, децата ги присвојат како свои. Влијанието на врсниците има исто така големо значење.
– Но, што со тоа доколку истите тие врсници растат во средина каде што се почитуваат различностите, насилството не е оправдано, а љубовта и разбирањето се примарни? Ајде да поработиме на тоа. Оттука произлегува креирање на средина која е здрава и плодна за љубов – објаснува психологот.
Да престанеме со учењето дека слабоста не е сила
Десподова потенцира дека треба да престанеме да ги учиме децата на тоа дека слабоста не е сила и дека силата се согледува од надворешноста.
– Сите да погледнеме внатре, таму е најголемата длабочина. Оние деца што ги едуцирам сакам да ги водам на места каде што не постојат прифатливи наметнати надворешности, каде што се рушат конструкти на улоги кои се наметнуваат, места каде што одбираат самите каде да припаѓаат и што сакаат да бидат – вели таа.
Премолчувањето и отстапување од разговор во моменти кога се соочуваме со насилство помеѓу децата е погрешен чекор. Тоа им дава до знаење дека ние се согласуваме со тоа и дека е социјално оправдано.
– Во секое време можеме да го моделираме ваквото однесување, без притоа да напаѓаме и возвраќаме со насилство, да креираме реалност во која даденото однесување не е добро. Ајде да разговараме со нив за Ганди и неговата значајност! Луѓето не развиваат омраза и пристрасност сами од себе. Уверувањата за насилничко однесување можат да се променат. Па затоа, да се водиме од тоа дека темнината не може да ја избави темнината. Само светлината може да го направи тоа. Само љубовта може да нè ослободи од омраза – додава Десподова.
912