Кога се борат со каков било проблем, учениците стануваат потиштени, повлечени, вознемирени, со ниска самодоверба и ниска самопочит, стануваат помалку мотивирани за извршување на училишните задачи и почнуваат да добиваат слаби оценки. Во некои случаи децата знаат да манифестираат и психосоматски реакции, како што е гадење, главоболки, во зависност од тежината на самиот проблем, вели училишниот психолог Елена Темелкоска

Најчести проблеми поради кои учениците доаѓаат на разговор со училишниот психолог се тешкотии во учењето, намалена концентрација, отсуство на внимание, анксиозност, социо-емоционални проблеми, односи со другите деца и соученици, односи со родителите, односи со наставниците, несоодветно однесување. Учениците доаѓаат на разговор секогаш кога имаат потреба било за разговор било за консултација или совет. Мал дел од децата во основно училиште доаѓаат самостојно во канцеларијата на психологот. Во најголем дел учениците се испраќаат на разговор кај училишниот психолог откако ќе биде детектиран проблем или ќе биде забележана некаква промена од страна на наставниците или родителите, ни сподели Елена Темелкоска, училиштен психолог во ООУ „Кирил и Методиј“, Стајковци.
Од нејзиното досегашно искуство, барањето помош од училишниот психолог зависи, исто така, и од свесноста на учениците и тежината на проблемот.

Немаме „готов рецепт“ за решавање на проблемите

– Децата што уживаат во интеракцијата со врсниците, учествуваат во групна работа, ги познаваат своите силни и слаби страни, сакаат предизвици, полесно и побрзо знаат да се обратат за разговор и консултации кај училишниот психолог. Додека другата група ученици се или повлечени или брзо се нервираат или брзо се откажуваат и разочаруваат. Најчесто пред да се испратат на разговор кај психологот, претходно има разговор и консултација со наставникот или родителите и на детето му се најавува дека ќе го посетува училишниот психолог и најчесто на оваа група ученици им е потребна голема социјална и емоционална поддршка – додава таа.

Елена вели дека работата како психолог во училиште ја дели на процена, советување на родители, социо-емоционална поддршка на ученици и консултации со наставници.

– Како психолози немаме „готов рецепт“ за решавање на проблемите. Психологот е тој што ја објаснува ситуацијата и заедно со учениците ги бара најдобрите решенија за проблемите. Решенијата и начините на решавање на проблемите лежат во самите проблеми и со правилно насочување и поставување на вистинските прашања, учениците многу често сами доаѓаат до одговорот на проблемот. За правилен развој на детето и справување со проблемите, потребно е активно да се вклучат и родителите, а кога има потреба, и наставниците – потенцира Темелкоска.

Важно е да се стекне доверба во психологот

Многу често слушаме за врсничко насилство, сајбер-насилство, семејно насилство итн. Сите овие видови насилство оставаат емоционален белег врз децата кој подоцна се рефлектира во сите сфери на животот.Најголем дел од проблемите што ги пријавуваат учениците негативно влијаат врз нивното ментално здравје и знаат да го отежнат реализирањето на секојдневните активности. Кога се борат со каков било проблем, учениците стануваат потиштени, повлечени, вознемирени, со ниска самодоверба и ниска самопочит, стануваат помалку мотивирани за извршување на училишните задачи и почнуваат да добиваат слаби оценки. Во некои случаи децата знаат да манифестираат и психосоматски реакции, како што е гадење, главоболки, во зависност од тежината на самиот проблем – истакнува Елена.
Учениците во моето училиште знаат дека секогаш можат да дојдат во мојата канцеларија, потенцира таа.

– Важна е довербата што треба децата да ја стекнат во училишниот психолог за да можат во секое време да се обратат за каков било проблем. Многу е важно кога учениците се одлучуваат да зборуваат за тоа што ги мачи и тишти, да знаат дека не се сами во таа ситуација, дека за секој проблем има решение и дека решавањето на проблемот зависи од нивната подготвеност да го дадат максимумот. Во овој период психолозите во училиштата ќе имаат зголемена работа затоа што ситуацијата со пандемијата премногу влијаеше врз менталното здравје, особено кај децата – дополнува Темелкоска.

За разлика од порано, кога одењето или испраќањето на ученикот кај психологот или педагогот се користеше како мерка за заплашување, денес одењето во канцеларијата на психологот во училиште се смета за помош и решавање на проблемот.

– Учениците сами доаѓаат кога имаат потреба. Тоа е местото каде што децата се чувствуваат безбедни затоа што знаат дека тоа што ќе го кажат кај психологот, ќе помогне во побрзо справување со проблемот – подвлекува таа.

Потребна е работа за емоционален развој на учениците

И училишниот психолог Елизабета Ивановиќ од ООУ „ Јан Амос Коменски“ во Скопје вели дека проблемите што учениците ги пријавуваат кај училишниот психолог се од најразлична природа и се разликуваат во различни возрасни периоди.

– Од различни недоразбирања во соврсничката комуникација и соработка, користење несоодветни зборови во комуникација со врсниците, проблеми со самодовербата, прифаќање на сопствените емоции и контрола врз нив, советодавна помош за одредени семејни состојби и кризни ситуации, зголемена вознемиреност, пријавување несоодветна врсничка комуникација (вербална, невербална, сајбер-комуникација), проблеми во однесувањето на ученикот, несоодветна слика за себе, конфликтни ситуации, емоционални проблеми, зголемено ниво на стрес, менаџирање со слободното време, стратегии да се надминат бариерите во процесот на учењето и друго – нè информира Елизабета.

Многу е важно освен образовната и воспитната компонента во училиштата, да се следи целокупниот психо-физички развој на учениците со цел превенција и соодветно надминување на одредени проблемски ситуации, конфликти, кризи и други состојби со кои се соочуваат учениците во различни развојни периоди. Секој развоен период се одликува со различни физички, физиолошки и психолошки карактеристики и промени, посочува Ивановиќ.

– Улогата на училишниот психолог кој е во непосреден контакт со учениците е од особено знаење за правилен раст и развој на учениците. Една од најважните задачи на училишниот психолог е работа со учениците на нивниот емоционален развој, како и на поддршка и развој на нивните позитивни карактеристики и силни страни. Тој ги препознава, идентификува и работи со учениците кои имаат емоционални тешкотии, проблеми во однесувањето и во приспособувањето на средината, а исто така ги препознава, идентификува и работи со талентираните и надарените ученици – вели Елизабета.

Од голема важност е враќањето во училишните клупи

Какво доживување има ученикот за училишниот психолог, зависи од повеќе фактори, но пред сè зависи од тоа колку училишниот психолог е достапен за учениците, каков е неговиот пристап кон нив, дали е во непосреден контакт со сите ученици во училиштето преку најразлични форми на индивидуална и групна работа, посета на часовите, неформални и формални разговори, можност секој ученик да има доверба да пристапи и да побара помош, совет од него, непосредна комуникација, меѓусебно почитување и соработка, заедничка работа на различни проектни активности, интерни училишни проекти, учество во работа на ученички парламент и натпревари, конкурси и други манифестации.

– За мене е многу значајно што учениците од моето училиште знаат дека јас сум нивниот психолог уште од прво одделение. Најмалите ученици ме запознаваат во процесот на уписите и секако во процесот на следење на нивното приспособување во прво одделение. Тие во секое време може да ми се обратат да разговараме, да ми кажат нешто што им е важно, да ги сослушам. Со овој однос на непосредна комуникација ја надминуваме и бариерата на страв од психологот и креираме релација на доверба, разбирање и соработка која се негува до крајот на школувањето во основното училиште. Во текот на минатата учебна година кај некои ученици што беа онлајн се појавија проблеми во однос на редовноста на следење на наставата, намален успех во учењето, намалена самодоверба, емоционални кризи, страв и соочување со загуба, зголемена вознемиреност и стресни состојби. Иако ситуацијата беше тешка, сепак се реализираа средби преку телефон, онлајн и средби со физичко присуство почитувајќи ги протоколите. Овие средби беа од големо значење за учениците затоа што беа изложени на социјална изолација, намалена врсничка комуникација и соработка, разговори онлајн, а не со физичко присуство. Посетувањето на училиштето, разговорот со психологот и средбите со наставниците кои во тоа време беа на работа за нив беа многу значајни. Им значеше многу да се вратат во училиште – вели психологот Ивановиќ.

Нема предрасуди за посета на психологот

Учениците годинава навистина се задоволни што се во училиште заедно со своите врсници. Кај некои од нив социјалната изолација доведе до појава на несигурност и состојба на вознемиреност, а кај некои кои дома се чувствуваа комфорно покрај компјутерите, сега повторно е потребен процес на адаптација и стекнување навики за почитување на правилата за однесување во училиште, вели таа.

– Најчесто до решението на одредени проблеми доаѓаме со заеднички договор, доверба, градиме одредена стратегија според која го менуваме она што ни претставува проблем и ја спроведуваме. Секако, доколку увидиме дека нешто во нашиот план не ни одговара, при секоја повторна средба резимираме што се случило, дали е тоа она што треба да се промени и ако не е, како да го подобриме на друг начин.
Психологот не е само лице од доверба, туку треба да е вешт и активен слушател, поддржувач, искрен соговорник и советник кој ќе му помогне и ќе го поддржи ученикот да ги искористи сопствените капацитети во позитивно решавање на проблемот или ситуацијата во која се наоѓа. Во моето училиште сметам дека нема никакви предрасуди во однос на посетата на психологот од страна на учениците, но ја почитувам желбата на учениците доколку сакаат (а се случува кај повозрасните) да доаѓаат попладне, а не веднаш по завршување на часовите, ако тоа им е попријатно поради околината, врсниците или нив самите. Но повеќето ученици си доаѓаат и чувствуваат дека може да се обратат за каков било проблем, совет и имаме голема меѓусебна соработка и разбирање – изјавува училишниот психолог.



912

X