За половина час беа собрани 18 килограми пластика од пред една зграда на улицата „Илинденска“
Ученици од трите основни училишта „Владо Кантарџиев“, „Крсте Мисирков“ и „Страшо Пинџур“ од Јосифово, како и од гимназијата „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија, им упатија важна порака на своите возрасни сограѓани. Учениците собираа ѓубре од улицата „Илинденска“ и од маалата во околина, кои беа во катастрофална состојба.
Како се рециклира, демонстрираа ученици (фото: Димитар Мијов)
Тие им порачаа дека сакаат да живеат во чиста околина. Здружението Changemakers4all смисли интересен начин како да ги поттикне младите да бидат посвесни за важноста на екологијата, но уште поважно – да му упати порака на локалното население да се грижи повеќе за својата животна околина.
За да бидат поизмотивирани, главен предизвик беше кој ќе собере повеќе пластика. Победници беа учениците од Основно училиште „Крсте Мисирков“, кои собраа 18 килограми пластика. На второ место беа учениците од „Владо Кантарџиев“ со 15 килограми пластика, трето – „Страшо Пинџур“ (11,2 кг), а на четврто – „Јосиф Јосифовски“ – 9 кг пластика.
– За нашето здружение победници се сите тимови, кои денеска ги потресоа нашите емоции гледајќи што им претставуваме на идните генерации. Голема почит кон вас, младите, и ви се извинуваме во името на несовесните граѓани. Вие сте нашата иднина, и ние веруваме во вас, дека вие ќе бидете пример, за нас, возрасните, кои ве соочуваме со ужасната слика на секојдневието со наш пример за чување на природата – им порачаа организаторите на младите.
Оваа маало во 2010 година доби награда за најдобро уредено, а денес сликата е ужасна, вели Марина Томова, основач на здружението.
– Имавме многу успешна акција со околу 60 ученици, иако очекувавме да има тројно помалку. Имаше и мали деца, што уште повеќе нè радува. За жал, од станарите ни се придружија само пет-шест родители со нивните деца. Ги повикав станарите кои ѕиркаа од прозорците да ни се придружат, барем помладите. Акцијата беше повеќе од успешна. Се посадија и дрвца по улицата. Победниците ќе одат на еднодневна екскурзија како награда. Пластиката беше продадена – објаснува Томова.
Екоакцијата беше организирана во соработка со ЈП „Комуналец“ од Гевгелија.
912