Ученици, во овие чудни времиња, само љубовта, посветеноста, поддршката и трпеливоста можат да го победат секое зло. Бидете силни! Вашите наставници! – ова е пораката што наставници од Основното училиште „Св. Климент Охридски“ од Прилеп им ја упатија на своите ученици. Секој наставник има напишано по еден збор и заеднички создале убав колаж со кој ги поздравуваат децата.

Идејата за пораката била на наставничката по македонски јазик во ова училиште, Јулијана Талеска. Таа ни раскажа дека се инспирирала од примерот на германското училиште „Дитрих-Бонхофер“, во кое работи и Андријана Атанасоска, поранешна ученичка во ова прилепско училиште, а сега професор по математика и физичко образование.

– Ваков колаж наишол на позитивни реакции и покренал таков предизвик во Германија. Тој предизвик дојде преку неа и кај нас. Па ние, наставниците од „Св. Климент Охридски“, решивме да испратиме колаж-порака со која ги храбриме нашите ученици, но и ги поттикнуваме на трпение и посветеност, поддршка на семејствата и љубов кон сите. Се надеваме дека овој постер ќе ги стопли нивните срца и ќе најдат сила да издржат. Ќе ни бидат смисла, за и ние да издржиме – велат наставниците од прилепското школо и додаваат:

Јулијана Талеска

– Сведоци сме на безброј пораки, видеа, фотографии… кои шират емпатија и храбрат да се издржи во ситуацијата во која веќе некое време сме западнати. Ова чудно време сите нè загрижува и обременува. Тука особено се погодени учениците, на кои им е скратена слободата што ја имаа. Истовремено се обременети со новиот начин на изведување на наставата. Истата судбина ја имаме и ние, наставниците. Сите заедно пливаме во немирните води во кои сме принудно. Затоа пораките се показател за грижа, за мислење за некого за поддршка и соочување со истата мака – велат наставниците од прилепското училиште.



912

X