Сребрен и бронзен медал освои младиот информатичар Тео Китановски (14) на 13. Јуниорска балканска олимпијада по информатика (ЈБОИ 2019), која денеска завршува во Марибор, Словенија. Во нашиот тим членуваа и Атина Рувинова, Иван Занов и Сара Стефановска, под менторство на Миле Јованов и Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Двајцата се членови на Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), кое го подготвуваше нашето учество.
На ЈБОИ 2019 учествуваа тимови од десет балкански земји. Примарна цел на овој значаен и елитен едукативен настан е да се поттикне интересот за информатиката кај децата од помала возраст (до 15,5 години) во сите земји од Европа, како и да им се овозможи на најдобрите европски млади таленти на оваа возраст да ги покажат знаењата и вештините што веќе ги стекнале во оваа област, а поконкретно во програмирањето. Успехот следува по успехот на средношколците на Интернационалната олимпијада по информатика во Баку на почетокот од овој месец, кога освоија два бронзени медала. Следната, 14. Јуниорска балканска олимпијада по информатика ќе се одржи идната година во Никозија, Кипар.
912