Живееме во преубава земја, богата со природни убавини, реки, езера, планини, богата историја и прекрасни пејзажи. Се воодушевуваме кога патуваме на места на кои не сме биле претходно. Наши авантуристи, преку дел од своите приказни, предлагаат низа скриени прекрасни места за одмор во Македонија. Вчера ги пренесовме предлозите на Маја Аргакијева и Ивана Петровиќ, а денес своите омилени дестинации ги споделуваат Деспина Козаровска и Драган Тапшанов

Движењето во природа е лек и за телото и за душата, а и големо уживање на децата. Детската енергија најсилно се разгорува кога е во допир со животинскиот свет, кога сами берат шумски јагоди, кога спијат под отворено небо, на полна месечина…

Деспина Козаровска сака алтернативна форма на туризам, истражување на планински села, извори, езера… Тоа го прави заедно со нејзините ќерки, близначките Лена и Ана, кои имаат две години и неуморна желба за истражување.

Леуново / Фото: Деспина Козаровска

-Постојат многу скриени и прекрасни места низ Македонија кои ни се на листата и чекаат да бидат откриени, па затоа се трудиме тоа да биде се почесто. Пред да се родат, јас и мојот сопатник многу често годишните одмори ги поминувавме во нашата земја, на планини и езера, ги искачивме сите врвови во Македонија, се будевме покрај Пелистерските очи, појадувавме на ливадите на Меденица, планинаревме и собиравме вргањ кај нашите пријатели на убавиот и див Кожуф, а сега со нетрпеливост очекуваме да им ги претставиме сите тие авантури и на нашите ќерки. Не ни претставува проблем да пешачиме и не сме зависни од автомобил за да истражуваме. Честопати знаеме да пропешачиме и до 15 километри со децата, на грб со ранци. За нас, најидеално е да сме на некое тивко место, подалеку од комерцијалната форма на туризам, хотели и лежалки на плажа. Некаде каде се уште единствените патишта за движење се рурални и не постои куќа над два ката. Постои некој чуден мир и спокојство во овие средини. А и децата многу поубаво спијат – вели Козаровска.

Штрбово

Дивите песочни плажи прекрасни за безгрижен одмор

Омилено место на нејзиното семејство е Преспа, па оттука и најчесто посетувано. Можеби затоа што таму е порасната, но, како што вели, знае дека сите пријатели на кои им биле гости, секогаш сакале повторно да се вратат.

– За мојот сопруг тоа е Леуново, Маврово. Тие две места се оние кои се уште ги истражуваме и кои се единствените места каде навистина одмараме и каде гледаме да свратиме во секое слободно време. Зошто Преспа е едно од нашите омилени места? Преспа е многу кротка, а и раскошно дива, ни се допаѓа што изобилува со секакви можности за секојдневна разнолика активност со децата. Дивите песочни плажи, прекрасните зајдисонца на Дупени бич, природните сенки од дрва до езерото… Инаку, токму пред еден месец бевме во Преспа и решивме да ги прошетаме сите манастири во околијата на Штрбово, Брајчино, Љубојно, Сливница и Курбиново. Турите се прекрасни, а историјата која е запишана во нив е одлична приказна и за нашите деца. Уживаат да ја слушнат приказната за Ангелот од Курбиново или рибата Крап што живее во Преспанското езеро – раскажува Деспина.

Таа вели дека енергијата и фантазија на нејзините ќерки најмногу се разгорува кога се во контакт со животинскиот свет, да ги истражуваат бубите и куќите на мравките или местата каде може да си наберат шумски јагоди и веднаш да ги вкусат, да мукаат со кравите…

– Не постои поплеменито место за развој на детската фантазија од селата и планините, бидејќи тие во себе кријат изобилие од разновидни приказни. Секоја шишарка, дудинка или езерска школка, желка или гуштер, за нив се инспирација за нова приказна. Следни на листата за посета ни се Лешница, Шар Планина и Голем Град на Преспанско Езеро – додава Козаровска.

Маврово

Семејна авантура во Бислимска клисура

И семејството на Драган Тапшанов секој слободен момент го користи да шета и да истражува. На листата со омилени места за семејна авантура им е и Бислимската клисура, која е на 30 километри од Скопје, во близина на Куманово.

Фото: Драган Тапшанов со семејството

– Селото од каде почнува клисурата е пристапно со автомобил, а самата патека е идеална доколку имате мало бебе на вашиот грб. За нас, планинските места низ Македонија се идеални за со деца. Чист воздух, запознавање со природата и дисконект од дигиталниот свет. Омилено место ни беше видиковецот над езерото Козјак, каде одевме и по два пати неделно. За прв пат бев таму во 2009 и беше скриен бисер во близина на Скопје. Во последниве години, со сопругата заедно, го посетувавме и скоро секогаш се враќавме со полни кеси ѓубре. Сега, за жал, ретко одиме, бидејќи стана премногу популарно меѓу луѓето со никаква свест за природата. Најново, видовме дека се градат два објекта, така да дојде време ова место да биде заборавено од авантуристите. Ново во близина на Скопје ни е Кожле и неговата околина. Обожуваме секакви места со природна убавина или културни наследства. Не сме големи фанови на големи градови и урбани џунгли – вели Тапшанов.



912

X