Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам ќерка на 3-годишна возраст и едно новороденче од 3 месеци. Големата ќерка е многу бистро дете, послушна е и зборува од 2 години. На 2 години и 2 месеци ги откажавме пелените и немаше никаков проблем, брзо научи за денското спиење и не грешеше, оди во градинка од 9 месеци и ни таму не грешеше. Јас останав трудна и имав проблематична бременост и се одлучив дека ќе ѝ ги оставам пелените преку ноќ и кога ќе видам дека има сува пелена, почесто да ѝ ги тргнам целосно. На 2,5-годишна возраст, 3 месеци пред да се роди бебето, забележав дека навечер најчесто ѝ се суви пелените и помислив дека е добар период да ги откажеме целосно пред да дојде бебето, но никако не може да се навикне. Ако не ја разбудиме, ќе се помоча. Кога ќе види дека се помочкала, плаче и се вознемирува, а ако осети дека е помочкана, ќе ме побара и ми вели: „Тука се изводенило нешто“, нeгира дека таа се измочкала. Ние со сопругот никогаш не сме ѝ викале, ниту пак сме изреагирале бурно кога била помочана.

Во принцип сме смирени и сталожени како родители и пробуваме преку разговор и договор да ги решиме конфликтните ситуации. Не го повишуваме гласот често, освен кога треба да се прекори за одредени ситуации кога е навистина потребно да се стави граница. Сторги сме во смисла на почитување на редоследот на настаните (се оди на спиење најдоцна до 9, се јаде десерт само по ручек, напладне се одмара, не се гледаат цртани, телефони и слично кога ќе посака, но затоа многу читаме и играме заеднички игри). Таа не искажува агресивна љубомора кон бебето, не го удира, кубе, турка, напротив, многу го сака и искажува љубов преку гушкање, бакнување, играње. Не знам дали има врска бебето со ноќното мочкање и навистина не знам како да постапам, очајна сум, ве молам за совет.

ОДГОВОР: Одвикнувањето од пелени е една од многуте работи што детето ги учи во раното детство. Притоа и родителите и децата многу често се изложени на притисокот за усвојување на контролата за мокрење и одење по голема нужда. Вашето дете покажало знаци на спремност и искуство на сува пелена, но истовремено било во период кога има најава за доаѓање на нов член во семејството и период во кој има многу промени во динамиката на вашето семејство. Самите промени можат да предизвикаат регрес на дотогашното однесување кај вашата ќерка, кое сега се манифестира со враќање на ноќното мокрење. Одвикнувањето од пелени е процес кој започнува кога детето е биолошки спремно и во кој процес се дозволени грешки, а кои самото дете со текот на времето без сомневање ќе ги совлада.

Вие сте препознале „добар период“ три месеци пред да се роди вашето второ дете, но најверојатно ова е период каде што вашата ќерка биолошки само покажала спремност за одвикнување од ноќно мокрење, но не и целосно биолошко совладување. Не окупирајте се со ноќното мокрење бидејќи може да предизвика тешкотии во надминувањето и да му се даде преголема важност отколку што е потребно. Контролата на ноќното мокрење се усвојува подоцна и развојно се толерира до шестата година.

Би ви препорачала да експериментирате по шест часот попладне да го намалите консумирањето на течностите. Пробајте како експеримент откако ќе заспие дваесетина минути, да ја понудите повторно да мокри и потоа да ја легнете во нејзиното креветче да продолжи да спие. Ве замолувам да бидете внимателни, да не зборувате многу за ноќното мокрење, да бидете истрајни во експериментите, да дозволувате обиди и грешки. Одвикнувањето е процес кој трае, има убави и лоши моменти и ќе има повремени „незгоди“.
Уживајте во заедничките игри и обрнете внимание на другите успеси на вашата ќерка и нови развојни постигнувања, таа има само три години.

Одговара: Наташа Маџевска, психотерапевт, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: nmadzevska@gmail.com psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X