Eднакво опасни се опуштеноста за тоа што јадат децата, а и опседнатоста со здрава храна и не е точно дека здравата храна не е вкусна, вели Петрова

Цветанка Петрова е инженер-технолог и нутриционист во „Нутрико диет клуб“ и магистранд на диететика во Изола, Словенија. Со неа разговаравме за тоа како да се хранат децата, колку е добра нашата македонска кујна, дека во храната треба да се ужива…

Кога станува збор за исхраната на децата, се чини дека доминираат две контрасни состојби. Едни родители се крајно ангажирани околу тоа што јадат децата, а другите се крајно опуштени. Каков е Вашиот впечаток?

– Точно. Посветеноста на исхраната варира од „што ни фали нам, и ние така пораснавме“ до „моето дете е на органска, биолошки и еколошки одгледана или на безглутенска, безлактозна, сирова, веганска, здрава храна…“

Колку се опасни и опседнатоста и опуштеноста?

– Еднакво опасни. Опседнатоста може да премине во орторексија – страв од внесување нездрава храна, а опуштеноста води до нездрави навики, кои пак водат до појава на хронични болести.
Клучот е во балансот. Треба да се храниме следејќи ги препораките на СЗО за здрава исхрана и, секако, најважно е да го набљудуваме сопственото тело и да увидиме што повеќе му одговара, а што воопшто не му одговара.

Како правилно да се хранат децата?

– Балансираната исхрана е најдобра за децата. Подразбира вклучување на сите групи намирници во исхраната на децата. Секако, од голема важност се правилното комбинирање и количината. Свежото овошје и зеленчук треба да се застапени во секој оброк. Што помалку индустриски обработена храна, што повеќе домашно зготвена, и тоа варена и печена. Нашата кујна, македонската, изобилува со здрави јадења.

Што мислите за производите што не потекнуваат од нашето подрачје, а се популарни, како киноа, амарант, чиа, соја…?

– Ова се исклучително здрави намирници. Житарките како амарант, киноа, просо, хељда станаа популарни поради тоа што не содржат глутен и се одлична замена за пченицата во безглутенските диети. Чиа семето е одличен извор на незаситени масни киселини и калциум, а сојата на протеини.
Сметам дека покрај тоа што се здрави, не се неопходни во исхраната на луѓето на ова поднебје. Најдобро е луѓето да се хранат со локални и сезонски намирници, кои ги има во изобилство на одредено подрачје. Македонија има толку многу житни култури, како и видови овошје и зеленчук, што навистина нема потреба од егзотични намирници во менито на еден просечен Македонец.
Добро е што се присутни на нашиот пазар затоа што понекогаш ги користиме како замена за одреден вид локална намирница, или за „бегство“ од секојдневните вкусови.

Како да мотивирате дете, особено ученик, да изеде здрав оброк?

– Зависно од возраста на децата. Најважна е едукацијата, и тоа уште од најмала возраст. Кога велам едукација, мислам и на домашното нутритивно воспитување, како и на општественото/социјалното. Повеќе предавања во образовните институции, на кои би се укажало на придобивките од здравата исхрана, односно на негативните страни на нездравите навики. Начини има многу, од класични предавања за повозрасни (поголеми) деца до песни и разни игри, преку кои ќе се допре до помалите генерации.
Многу ефикасна мерка, по примерот на Словенија, е дислокација на „фаст-фуд“ рестораните, пекарниците и другите продавници во кои би можело да се купи брза храна, а кои се наоѓаат во близина на образовните установи, и поставување автомати во самите училишта од кои може да се купи здрава ужина (свежо јаболко, јаткасти плодови, житни барови, интегрални сендвичи).

Кој е најважниот совет за родителите?

– Променете ги сопствените навики, а со тоа и навиките на вашите деца. Децата не слушаат што им кажувате, тие ве гледаат што правите. Основата на здравиот животен стил се создава уште од детството. И кога ќе ги гледате вашите деца како уживаат во животот, здрави и енергични, ќе знаете дека сте одгледале здраво поколение.

Зошто се одлучивте за нутриционизам?

– Со завршено средно медицинско училиште и огромна љубов кон медицината, биологијата, хемијата… бев на една животна раскрсница кога требаше да ја одберам својата идна професија. Сите опции беа поврзани со медицината. И баш во годината кога завршив средно, се отвори Технолошко-техничкиот факултет во Велес, кој понуди 2 образовни програми: Нутриционизам и Прехранбена технологија.
Прва генерација, домашен терен, релативно нова наука… сето тоа влијаеше на мојот избор. Но, клучната причина беше поврзаноста на моите омилени области: хемија, биологија и медицина, во една наука – нутриционизам, наука за храната и нејзиното влијание врз здравјето на човекот. Ја проучувам со љубов, со голема љубопитност и со секојдневно воодушевување од нови факти и научни достигнувања во оваа област.
Има уште еден аспект во мојата одлука да одберам нутриционизам. Осум години бев репрезентативка на Македонија, голман на женската фудбалска селекција. Бев член на ЖФК Борец од Велес. Како дел од различни спортски колективи, секогаш најголем акцент се ставаше на тренингот, додека исхраната беше речиси занемарена. Сметајќи дека игра важна улога во достигнување одредени резултати, се одлучив да го истражам влијанието на храната, како врз здравјето така и врз физичките способности на човечкото тело.

Колку е значајно да се ужива во храната што се јаде?

– Уживањето е значаен дел од исхраната. Храната се ужива со речиси сите сетила: ја гледаме, ја мирисаме, ја вкусуваме… Затоа сензорните карактеристики на храната се од исклучителна важност. Бојата, текстурата, агрегатната состојба, аромата… можат да го привлечат човекот, но и да создадат одбивност.
Денес владее тезата – или јадеш здраво или вкусно. Ова е сосема неточно и претставува изговор за оние што под маската на хедонизмот ја кријат неодговорноста кон своето тело и здравје. Секоја храна е вкусна кога знаеме какви благодати му носи на нашето тело. Треба само да бидеме отворени за промени. Сепак, здравјето ни е најголемо уживање.

Кажете ни нешто за Вашиот приватен живот?

– Сакам креативни дејности. Во слободно време цртам, декорирам по дома, плетам, работам на „направи сам“ проекти, готвам… Прошетките ме релаксираат и ги практикувам барем еднаш дневно. Сакам да откривам и да учам нови работи, да посетам нови места, да пробам нови вкусови, да запознавам луѓе со фантастични животни приказни, а сечија е таква… Сметам дека новите искуства ни ги прошируваат видиците и ни го отвораат умот, а тоа е богатство што треба да се стекнува низ животот.

Ме радуваат среќни и свесни луѓе. Ме растажува чувството на немоќ. Немоќ да промениш нешто, да помогнеш некому.

Затоа, секогаш поголем акцент ставам на превентивата, затоа што полесно е да се спречи отколку да се лечи.



912

X