Луиз има 13 години и е еден од борците во групата за самоодбрана во мексиканската југозападна држава Гереро, која се наоѓа во центарот на трговијата со хероин во Мексико. Цивилната полиција ги тренира момчињата, од кои некои имаат 6 години, да се борат доколку картел го нападне нивното место на живеење.

Цивилната полиција позната како ЦРАЦ-ПФ била создадена во 2014 година и ја заменила локалната полиција, која се сметала за корумпирана. Оваа полиција почнала да ги обучува децата како да користат пушки по повеќе напади од страна на локален наркокартел.

– Ги подготвуваме децата бидејќи доколку ги загубат своите родители, кој ќе ги брани? Јасно е дека владата нема да нѐ брани, а уште помалку активистите за човекови права кои нѐ критикуваат – вели Бернардино Санчез Луна, основач на групата.

Властите и активистите ја обвинуваат полицијата дека ги експлоатира децата. А фотографиите од децата како вежбаат да се борат го отвори прашањето дали се очекува ова да стане норма во Мексико. Претседателот Андрес Мануел Лопез Обрадор изјавил дека полицијата треба да се „засрами“ за тоа што ги вооружува момчињата.

– Обучувањето на децата да користат оружје, а потоа нивно снимање е искористување – изјавил тој.

Фото: Лемин Мосо, Vice.com

Вежбите на момчињата не изгледаат како основни, а нивните родители велат дека тоа е знак за очај на една заедница која е заробена од насилство од секоја страна. Тоа е и обид да се привлече вниманието на властите кои, според нив, ги напуштиле.

Ајахуалтемпа е една од 16. заедници во Мексико што ги заштитува полиција. Овие заедници имаат ограничена телефонска мрежа. Многу жители на Ајахуалтемпа биле убиени изминатата година кога се обиделе да излезат од селото. Местото не добило значајна помош од владата, а сега е цел на локален картел кој се обидува да ја преземе контролата. Бројот на убиства во близина на селото двојно се зголемил во 2019 година во споредба со претходната година, вели Крис Кајл, професор на универзитетот во Алабама во Бирмингем.

Целото село е блокирано. Децата не одат на училиште, жените престанале да одат на пазарење во градот во близина и не ги продаваат своите производи во истиот град. Мажите излегуваат од селото во групи со десетина вооружени придружници.

– Доколку го напуштиме селото, може да нѐ киднапираат – вели Луиз.

Во април цивилната полиција одржала тренинг на дванаесет момчиња. Луиз бил на тренингот со постариот брат, кој има 15 години. Тие научиле да нападнат вооружени возила, да се борат доколку паднат во заседа и да спасуваат жртви. Пушки им биле доделени на момчиња на возраст од над 12 години. Помладите момчиња вежбале со стапови и играчки.

Луиз бил именуван за лидер на групата, но на училиште му било кажано дека може да биде избркан. А, училиштето, кое се наоѓа на 30 минути пешачење од селото, е во територија што ја контролира наркокартел.

Во Мексико расте бројот на убиства. Претседателот одбива директно соочување со картелите бидејќи вели дека води до поголемо насилство.

Во Гереро е активен картелот Лос Ардијос, чии членови киднапираат и убиваат за да го контролираат регионот. Картелот го водат тројца браќа, чиј четврти брат порано бил политичар. Луис Хернандез Наваро, мексикански новинар, вели дека картелот сакал да има апсолутна контрола, а малите села се некои од последните што сѐ уште се независни. Нивниот план е да имаат слободни зони низ кои може да ја пренесуваат дрогата.

Автор: Емили Грин
Извор: Vice.com



912

X