Децата што ги цицаат палците или гризат нокти во детството се поотпорни на алергии во зрелоста, покажа истражување спроведено на Универзитетот во Отаго, Нов Зеланд. Како што пишува „Вашингтон пост“, научниците следеле повеќе од илјада деца на возраст од 5, 7, 9 и 11 години, по што биле тестирани за различни алергии кога биле постари, поточно на возраст од 13 до 32 години.
Истражувањето покажало дека 49 отсто од 13-годишниците што не ги цицале палците и не ги гризеле ноктите биле позитивни на барем една алергија. Кај оние што имале барем една од овие две навики во раното детство, процентот на позитивни на алергии бил 38 отсто, додека 31 отсто биле позитивни во категоријата на оние што како деца ги цицале палците и гризеле нокти. Подоцнежниот тест за отпорност на алергија, спроведен на 32-годишна возраст, ги даде истите резултати.

Што велат експертите?
Иако претходните студии покажале дека цицањето палец предизвикува некои негативни појави, како искривени заби и можни проблеми со говорот, најновата студија покажува дека до одредена возраст тоа не е толку лошо.
Објаснувањето би можело да биде во таканаречената хигиенска хипотеза, според која изложувањето на одредени микроорганизми е поврзано со позитивно влијание врз развојот на имунолошкиот систем на детето и со тоа да го намали ризикот од алергии, сметаат научниците.