Цицањето палец или цуцла е проблематично ако трае многу долг период

Децении наназад претшколските деца до седмата година од животот, како и децата до десеттата година, речиси секојдневно имаат одредени ритуали кои влијаат врз растот и развојот на усните и забите.

Една од најпознатите навики до шестата година од животот е цицање палец или друг прст. Со оглед на тоа што оваа навика кај децата почнува буквално од раѓање, нејзината долготрајност придонесува за значајни промени во устата. Палецот со константниот притисок на горните, а и на долните предни заби предизвикува нивно поместување во спротивен правец, така што горните предни заби се исфрлени кон напред, додека долните предни заби се вовлекуваат кон внатре. На тој начин настанува зјап, односно отвор во предната регија, а неретко и отворен загриз поради поместување на самите вилични гребени.

Цуцлата не би требало да се користи над тригодишна возраст. Исто така, и цицањето на палецот би требало да престане кога детето станува поактивно во користењето на двете раце. Но доколку овие навики продолжат и над 4-годишна возраст, тогаш постои ризик кај детето да настанат проблеми во говорот, неправилен раст на вилиците, неправилност во положбата на забите и неправилност во формата на забните лакови.

Цицањето на палецот е навика која полека исчезнува сама по себе. Кога децата ќе тргнат на училиште, обично престануваат со навиката, гледајќи од другите другарчиња дека не го прават тоа. Доколку навиката е уште присутна до 6 и 7-годишна возраст, состојбата на отворен загриз ќе се врати во нормала. Но, доколку продолжи и до 12-годишна возраст, скелетниот деформитет веќе станува траен.

Исто така, бебињата доколку користат цуцли подолг временски период, можат да развијат неправилен загриз.

Во основа, цицањето палец и цуцла се проблематични ако траат многу долго време. Најголемиот број од децата сами престануваат со овие навики, но ако таа активност продолжи и над 3-годишна возраст, треба да се консултира стоматолог.

Кога навиките се штетни, можат да се искоренат со континуирана работа со децата, разговор меѓу родителите и децата, како и учество од страна на воспитувачите.



912

X