Игротека

Ценете ги малите работи и издвојте време за вашето дете: Важни работи што ги научив откако го изгубив синот

Ричард Прингл од Велика Британија го изгубил својот тригодишен син кој починал поради невролошка состојба што ја имал.

Ричард објаснува дека малиот Хјуи имал здравствени проблеми, но тој и неговата сопруга биле оптимисти за неговата иднина. Освен момчето, Ричард и неговата сопруга се родители на две прекрасни девојчиња, Хети и Хени.

– Хјуи имаше невролошка состојба, но добро се држеше. Имаше само 5 отсто шанси да дојде до крвавење, но за жал токму тие 5 отсто се случија минатата година и Хјуи не преживеа. Тој беше многу нежно, внимателно и мило момче. Поради него, досадните работи станаа забавни. Поради него, сè беше забавно. Во тие три кратки години остави неверојатни спомени што ќе нè следат во текот на целиот живот – вели Ричард.

На својот фејсбук-профил Ричард објави фотографија со неговиот син под која наброи 10 најважни работи што ги научил откако го изгубил, сакајќи мислите да ги сподели со останатите родители.

1. Никогаш не се доволно многу бакнежи и љубов.

2. Секогаш имајте време. Престанете да го правите тоа што го правите и играјте, дури и кога станува збор за неколку минути. Ништо не е толку важно да не може да чпоека.

3. Фотографирајте и снимајте видеа колку што можете повеќе. Еден ден тоа би можело да биде сè што ќе имате.

4. Немојте да трошите пари, трошете време. Мислите дека она за што ги трошите парите е важно? Не. Она што вие го правите е важно. Скокајте во вирчињата, поминувајте време во прошетка. Пливајте во морето, правете замок од песок, санкајте се, правете снешко. Забавувајте се. Тоа е сè што сакаат децата. Не можам да се сетам што сме му купиле на Хју, можам само да се сетам на она што го правевме заедно.

5. Пејте. Пејте заедно. Моите најсреќни спомени со Хју се кога седеше на моите рамена или покрај мене во автомобилот и ги пеевме нашите омилени песни. Спомените се создаваат со музика.

6. Ценете ги едноставните мали работи. Раскажување приказни, галење пред спиење, заеднички оброци. Мрзливи недели. Сите тие мали работи се она што најмногу ми недостига. Не дозволувајте овие посебни моменти да поминат незабележано.

7. Секогаш бакнувајте го вашето дете кога ќе се разделувате, а ако заборавите, вратете се назад и бакнете го.

8. Направете ги досадните работи забавни. Одењето во продавница, патувањето со автомобил, прошетка. Бидете смешни, шегувајте се, смејте се и уживајте. Тоа се обврски ако на тој начин ги третирате. Животот е краток за да не се забавувате.

9. Водете дневник. Запишувајте сè што прават вашите деца, а што ви го прават животот подобар. Забавните работи што ги кажуваат, слатките работи што ги прават. Сопругата и јас почнавме да го правиме тоа кога го изгубивме Хјуи. Сакавме да запомниме сè. Сега тоа го правиме со Хети и Хени. На тој начин ги имате сите спомени засекогаш запишани и кога ќе остарите, ќе можете да погледнете наназад, да се потсетите и да го цените секој момент.

10. Ако ги имате вашите деца до себе, бакнувајте ги за добра ноќ. Појадувајте заедно. Испратете ги на училиште. Однесете ги на факултет. Гледајте како се мажат/женат. Благословени сте. Никогаш не заборавајте го тоа.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top