Околу 2% од вкупниот број на ученици бараат онлајн учење од медицински и немедицински причини. Ова не е голема бројка и ќе им се излезе во пресрет на родителите бидејќи станува збор за деца со хронични болести или за членови на семејства со хронични заболувања, како и други немедицински причини, рече министерката за образование и наука Мила Царовска во гостување во телевизија „Сител“.
Царовска посочи дека состојбата се следи и доколку Комисијата за заштита од заразни болести оцени дека треба да се промени моделот, тоа може веднаш да се направи.
– Образовниот систем ни е подготвен со три сценарија. Според владината одлука, почнавме со физичко присуство, но имаме уште две резервни сценарија: тоа е хибридниот модел и ротација на групи на ученици на една недела онлајн и со физичко присуство. Исто така, може да се одлучува за промена и на општинско ниво, доколку ситуацијата станува некаде алармантна – рече Царовска.
Таа објасни дека е предвидено учениците што ќе следат онлајн настава активно да учествуваат на часот, исто како и учениците во училница.
– Сите што лани имавме деца од 1 до 3 одделение, а требаше некој период да бидеме во изолација, видовме што се случуваше. Учениците се вклучуваат, паралелно наставникот води интерактивна настава и со учениците што се на онлајн наставата и тие во училница. Ова не е ништо ново и тие се веќе испраксирани – рече Царовска.
912