Истражувачите го привлекуваат вниманието на порастот на труењата кај децата со мелатонин, чија намена е помош за спиење – голем скок се забележува особено за време на пандемијата.
Минатата година центрите за контрола на отрови во САД примиле повеќе од 52.000 повици за деца што консумираат загрижувачки количини на додаток во исхраната – што е шесткратно зголемување во споредба со пред една деценија. Повеќето такви повици се за мали деца кои случајно наишле на шишиња со мелатонин, од кои некои доаѓаат во форма на гуми за џвакање за деца.
„Родителите може мислат дека мелатонинот е витамин и може да го остават на ноќна маса. Но, тоа е лек кој има потенцијал да предизвика штета и треба да се стави во шкафче“, истакнува д-р Карима Лелак, лекар за итни случаи во Детската болница во Мичиген и главен автор на студијата објавена од Центарот за контрола и превенција на болести.
Што е мелатонин?
Мелатонин е хормон кој помага да се контролира циклусот на спиење на телото. Стана популарно средство за спиење без рецепт, со зголемување на продажбата за 150 % помеѓу 2016 и 2020 година, велат авторите. Во САД мелатонинот се продава како додаток, а не е регулиран како лек. Бидејќи мелатонинот е нерегулиран, Управата за храна и лекови на САД нема надзор над чистотата на состојките или точноста на тврдењата за дозирање. Некои истражувачи откриле дека она што е на етикетата можеби не одговара на она што всушност е во шишето, а некои земји ја забраниле продажбата на мелатонин без рецепт.
Како се третира предозирањето со мелатонин?
Многу луѓе можат да толерираат релативно големи дози на мелатонин без значителна штета, велат експертите. Но, не постои противотров за предозирање. Во случаи кога дете случајно ќе внесе мелатонин, експертите често бараат доверливо возрасно лице да го следи дома. Но, забавеното дишење или други загрижувачки знаци може да значат дека детето треба да се однесе во болница.
Што откриле истражувачите?
Лелак и нејзините колеги ги разгледале извештаите од центрите за контрола на отрови од 2012 до 2021 година, броејќи повеќе од 260.000 повици за деца кои зеле премногу мелатонин. Тие претставувале 0,6% од сите повици во 2012 година и околу 5% во 2021 година. Во околу 83% од тие повици децата не покажале никакви симптоми. Но, некои деца повраќале, имале изменето дишење или покажале други симптоми. Во текот на 10. проучувани години повеќе од 4.000 деца биле хоспитализирани, пет требало да се стават на машина за да им се помогне при дишењето, а две деца помали од 2 години починале. Повеќето од хоспитализираните деца биле тинејџери, а се верувало дека многу од нив биле обиди за самоубиство.

Што се случило во текот на пандемијата?
Пријавениот број на труења со мелатонин се зголемуваат најмалку една деценија, но најголемите зголемувања се случиле откако пандемијата ги погоди Соединетите Држави во 2020 година. Помеѓу 2019 и 2020 година бројот се зголемил за 38%.
„Може да има неколку причини. Поради заклучувањата и виртуелното учење, повеќе деца беа дома по цел ден, што значи дека имаа повеќе можности да пристапат до мелатонин. Исто така, пандемијата предизвика стрес и анксиозност што го нарушуваа спиењето, што предизвика повеќе семејства да размислуваат за употреба на мелатонин. Децата беа вознемирени што се дома, а тинејџерите беа изолирани од другарите. А и сите гледаа во екраните со часови и часови“, заклучува Лелак.
Автор: Мајк Стоби