Бремени жени се плашат да пријават за незаконското однесување на работодавците и ги молат гинеколозите да им помогнат со отворањето боледување

Бремена сум 10 недели. Работата ми е таква што мора да одам и трета смена и на терен. Сега, периодов е посвежо, ама знаете колку е топло и запурно во лето. Откако дознав дека сум бремена, 4 пати одам на разговор кај шефовите, но не ми излегуваат во пресрет да ме преместат на друга работна позиција, вели жена од Скопје.

Со проблем како нејзиниот, според гинеколозите, се соочуваат многу трудници. Се плашат да пријават за незаконското однесување на работодавците и ги молат да им помогнат со отворањето боледувања. Па освен што трудниците се под стрес и работат на позиции ризични за нивната состојба, тоа може да ја чини државата, која може да плаќа за нереални боледувања.

– Го молев гинекологот да ми отвори боледување за ризична бременост и ми рече дека не е ризична. Ако пријавам во инспекција, ќе се дознае дека јас сум го сторила тоа, единствена бремена сум во фирмата. Сами знаете што ми следува потоа – додава нашата соговорничка.

Се плашат да пријават

Д-р Душко Филиповски, претседател на Здружението на приватни гинеколози и акушери, вели дека матичните гинеколози имаат голем притисок од жени што имаат уредна бременост за да им биде отворено боледување, познато меѓу луѓето како патолошка бременост, зашто работодавците не ги прераспоредуваат на соодветна работна позиција.

– Нè гледаат како ние да сме решението на проблемот. Страв им е да се расправаат со работодавецот, да пријават, а некои се и со договор на определено време, па се плашат дека нема да им биде продолжен поради бременоста. Јасно им е дека ако работат работа што не е соодветна за трудница, може да се најдат во ризична состојба, а може да се доведе под ризик и плодот што го носат. Законот определил дека треба да се прераспределени, дека не треба да работат трета смена и наместо тоа да се решава во работните колективи, во нас се гледа спасот. Законот мора да се почитува – раскажува д-р Филиповски.

Д-р Душко Филиповски

Иронија: Потешко се разбираат ако шефот е жена

Тој вели дека многу од пациентките кога ќе ги праша зошто не побараат прераспоредување, одговарале оти на работа им кажале дека не можат да има најдат нова позиција, па да си отворат боледување.

– Се случува трудници да мора да креваат тешко, да одат трета смена, на несоодветни терени, да работат со материјали што испаруваат, а се ризични за нивната состојба, да стојат по цел ден… Она што е иронично, а што сме го забележале во праксата е дека многу полесно се разбираат ако шефот или газдата е маж отколку ако е жена. Има жени што абортираат зашто знаат дека нема да им биде продолжен договорот на определено работно време – вели нашиот соговорник.

Треба да лажеме

На голем број од бремените егзистенцијата им зависи од платата.
– Им објаснувам дека треба да лажам оти имаат ризична бременост, дека можам да отворам боледување само за определено време, па потоа треба да бараат мислење и од други гинеколози, па и тие мора да лажат… Има жени што долго кријат за бременоста иако работат несоодветна работа, зашто договорот им е на определено време – раскажува д-р Филиповски.

Тој вели дека пред околу две години имале средба со министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и предложиле матичните лекари да ѝ издаваат формулари на секоја бремена жена во кои ќе има податоци за нејзината состојба и ќе се потсетува на законот, а потоа да им ги однесат на работодавците.

– Можеби решението не е најсовршено, но со вакви формулари ќе ѝ биде полесно на инспекцијата. Знаеме дека има многу предизвици за ова министерство, но на бремените мора да им се олесни – додава д-р Филиповски.

МТСП: Пријавувајте, а се спрема и ново законско решение

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека во рамките на своите надлежности оваа институција е креатор на политиките од областа на трудот, при што е и предлагач на законите и прописите што ги уредуваат работните односи, вработувањето, заштитата при работа, а оттука и заштитата на бремените жени, жените што неодамна се породиле или дојат. Надзорот над спроведувањето на овие прописи е во надлежност на Државниот инспекторат за труд.

– Ги повикуваме сите граѓани и граѓанки да пријавуваат неправилности, а работодавците и гинеколозите да постапуваат и да ги почитуваат законите во кои се предвидени механизми за заштита на трудниците. Истовремено повикуваме инспекциите да си ја вршат работата и да ги казнат оние што го кршат законот, без разлика дали се работодавци или гинеколошки ординации. Истовремено МТСП со цел да ги надмине неправилностите и злоупотребите на определени законски решенија, подготвува целосно нов закон за работните односи. Неговата цел е воспоставување вистинска заштита и унапредување на работничките права. Подготовката се одвива преку широк консултативен процес во кој се вклучени сите засегнати страни, односно организации на работодавци, синдикати, претставници на науката, судии, адвокати, како и релевантни институции, со цел крајниот резултат да биде закон со современи решенија и напредни трудови стандарди – велат од Министерството.

Од Државниот инспекторат за труд објаснуваат дека немаат многу пријави за непрераспоредување на друго работно место.
– Најголем дел од пријавите од бремени жени се за тоа што не им се продолжува договорот на определено работно време кога ќе истече – велат оттаму.

Повеќе од милион евра за патолошки бремености

Според податоците на Фондот за здравствено осигурување, во 2018 година биле отворени 5.969 боледувања поради ризична бременост, за што оттаму биле исплатени околу 1,34 милион евра. Во 2017 година имало 5.352 боледувања поради ризична бременост и исплатени се околу 1,12 милион евра.



912

X