Наталија Тариен била во третото тримесечје од бременоста кога почувствувала необична напнатост во вилицата. Наместо веднаш да го припише тоа на нешто безопасно, одлучила да се забавува и да го праша „Чет-ГПТ“: „Зошто ми е напната вилицата?“ Одговорот што го добила не бил случаен – чет-ботот ѝ предложил да го измери крвниот притисок.
Таа го измерила и открила дека е опасно висок. За помалку од 30 минути „Чет-ГПТ“ ја поттикнал да повика брза помош. Кога стигнала во болница, нејзиниот притисок бил 200/146. Лекарите веднаш донеле одлука за итно породување и ѝ кажале дека немало да преживее ако си легнела да спие. За среќа, и мајката и бебето се добро.
Оваа приказна стана вирална, со повеќе од 29 милиони прегледи, предизвикувајќи лавина од коментари од идни и сегашни родители. Многумина се препознале во тоа колку е лесно да се занемарат ситни, необични симптоми за време на бременоста.
Што е прееклампсија и зошто е опасна?
Прееклампсијата е сериозна компликација која се јавува по 20. недела на бременоста и вклучува висок крвен притисок, често без јасни симптоми. Ако не се лекува, може да доведе до мозочен удар, откажување на органи, па дури и смрт на мајката или бебето. Според Американскиот колеџ на опстетричари и гинеколози, хипертензивните нарушувања зафаќаат 2 до 8 проценти од сите бремености.
Проблемот е што симптомите можат да бидат многу суптилни, како напнатост во вилицата, отекување на лицето или рацете, замаглен вид или само чувство дека „нешто не е во ред“. Во третиот тримесечје, кога се присутни разни непријатни чувства, лесно е да се игнорираат.
Кога навидум ситен симптом станува аларм
Бременоста е полна со чудни и нови чувства, но токму затоа е тешко да се процени што е нормално, а што потенцијално опасно. Во случајот на Наталија, напнатоста во вилицата била првиот знак за сериозна состојба.
Според Центрите за контрола и превенција на болести, дури 80 проценти од смртните случаи поврзани со бременост може да се спречат ако симптомите се препознаат и се третираат навреме. Затоа лекарите апелираат: слушајте го своето тело и не плашете се да кажете ако нешто не е во ред,.
Може ли вештачката интелигенција да им помогне на трудниците?
Важно е да се нагласи дека „Чет-ГПТ“ не ја дијагностицирал прееклампсијата, но дал предлог кој довел до клучната реакција. ВИ алатките можат да бидат корисен потсетник, но не можат да ги заменат лекарските прегледи. Тие не ја знаат вашата историја на болести, ниту можат да направат тестови. Во иднина, вештачката интелигенција може да помогне преку персонализирано следење на симптомите, потсетници за прегледи или информативни совети, но таа е тука како поддршка, а не како замена за вистинска медицинска нега.