Многу родители се соочиле со однесување на своето дете кое вклучувало удирање, плукање, врескање, гребење, кинење, фрлање и слично. Сето ова опишува некаков облик на агресивно однесување, на чија основа се наоѓаат незадоволството и лутината.
Основната карактеристика на агресивното однесување е свесното и намерното нанесување штета некому за да се задоволи некоја потреба. Со други зборови, детето се однесува агресивно бидејќи сака нешто што не може да го има, односно стигнало до пречка и тоа го фрустрира, а фрустрацијата доведува до агресија бидејќи таа служи како средство за отстранување на пречките.
Фактори што го поттикнуваат агресивното однесување
Агресивното однесување може да биде физичко, вербално, пасивно, директно, индиректно и намерно, ненамерно и потиснато. Намерната агресија често е поттикната од надворешните услови, односно од вознемирувачка ситуација. Ненамерната обично се јавува поради внатрешен проблем и непријатни чувства, а потиснатата е насочена кон внатре – поради „голтнати“ навреди, поголем страв од казна и слично.
Агресијата е еден од првите начини на соочување со фрустрацијата што ги учат малите деца. Гребењето, удирањето, гризењето и туркањето се вообичаени кај децата кои сè уште не развиле вербални способности за да може да се изразат и на тој начин да кажат што им пречи.
Помеѓу 3. и 5. година агресијата е релативно вообичаен начин на комуникација. Меѓутоа, агресијата може да биде и последица на воспитните недостатоци. Премногу строгото воспитување, честото казнување, удирањето, преголемите очекувања, емоционалното неприфаќање и несигурната околина, љубомората и недостигот на внимание се фактори што го поттикнуваат агресивното однесување. Сите тие предизвикуваат незадоволство, лутина и фрустрација.
Родителите, учителите и воспитувачите несвесно го наградуваат агресивното однесување на детето. Имено, детето кое се однесува агресивно добива најмногу внимание. Еден од најтешките проблеми со кои се соочуваат возрасните во спречувањето на агресивното однесување е дека краткорочно, детето всушност го добива токму она што го сака. Возрасните прават сè за детето да не се однесува агресивно и му го овозможуваат тоа што сака.
Долгорочно гледано, таквото однесување води до тоа детето да ги изгуби пријателите, да го бие лош глас и да се среќава со повеќе други негативни последици кои може повторно да предизвикаат фрустрација и да доведат до агресивно однесување.
Она што родителите сè уште може да го направат е да го научат детето да ги изразува емоциите на прифатлив начин и во одредени ситуации. Првиот чекор на помагање на детето е уочувањето на ситуациите што предизвикуваат агресивно однесување. Со други зборови, важно е да забележите кога и каде најчесто се јавува таквото однесување. Важно е да му обезбедите јасна структура и дневна рутина бидејќи предвидливоста му помага на детето да остане мирно – тоа чувствува сигурност бидејќи знае што очекува од личностите или ситуациите.
Веројатно многу родители сакале да го удрат детето поради таквото однесување, но тоа предизвикува поголема штета. Удирањето е реакција која на детето му дава пример како треба да се однесува кога е луто. Сетете се дека децата полесно и побрзо учат со имитација на туѓите реакции.
Како да ја изразат лутината
На помладите деца кои сè уште немаат доволно развиени говорни способности, со вежбање на вербалното изразување на емоциите треба да им се понудат практични начини за изразување лутина кои се прифатливи. Важно е да знаат дека чувствата не се добри или лоши и дека треба да ги прифатат, но треба и да им се објасни како, кога и на кој начин може да ги изразат своите чувства. На пример, за непосредно изразување лутина може да послужи топка за удирање, перница, хартија за кинење, простор за трчање итн. За посредно изразување на лутината може да послужат техники како цртањето, играњето со кукли, моделирањето и слично.
Родителите треба да бидат пример со своето однесување, со други зборови, треба да ја задржат контролата над себе и над ситуацијата. Исто така, двајцата родители треба да бидат согласни во дејствувањето, односно да бидат доследни. Треба да ги користат истите последици за истите постапки. Во случај агресивното однесување да е начин за привлекување внимание, тогаш треба да се игнорира. Децата може да научат како да се однесуваат преку приказни, давање примери, играње улоги и слично. Во секој случај, посакуваното однесување може да се пофали и награди.
За постарите деца и адолесцентите, помага учењето нови начини за доаѓање до посакуваната цел. Непознавањето соодветни начини на носење со неудобните емоции е многу често причина поради која децата се однесуваат неприфатливо.
Учењето асертивност не е лесно, но резултира во исклучително пожелна вештина која му овозможува на поединецот да ја надмине агресијата, да се изрази, никого да не повреди и да добие сè што сака.
Да се биде родител е лесно, но да се биде добар родител бара многу работа и напор. Поради тоа, вооружете се со трпение, разбирање и смиреност бидејќи тоа е најдобриот пат кон успехот.