Во морето одлуки што секојдневно ги носиме, постојат и такви што длабоко нè погодуваат. Експертите и родителите што веќе ги поминале овие искуства се согласуваат: токму овие три одлуки најчесто се истакнуваат како најтешки.
Родителството е постојан процес на учење, храброст и трпеливост. Одлуките што ги носиме во навидум обични ситуации можат да имаат долгорочни последици врз децата. Иако никој не добива прирачник со раѓањето на бебето, одговорноста што ја носиме како родители често знае да биде тешка. Многу истражувања покажуваат колку родителските одлуки се длабоко поврзани со емоционалниот, социјалниот и когнитивниот развој на детето, но и со менталниот товар што родителите секојдневно го чувствуваат.
Поставување граници – кога да бидеме цврсти, а кога да попуштаме
Една од најтешките одлуки во родителството е како да се постават здрави граници, а притоа да не се нарушат блискоста и довербата со детето. Пронаоѓањето рамнотежа помеѓу авторитетот и емпатијата не е лесно, особено во денешно време кога генерациските промени се случуваат мошне брзо.
Порано разликата меѓу генерациите беше десетина години. Денес нова генерација се создава на секои неколку години, со сосема нови погледи на светот. Затоа, поставувањето граници не е само прашање на правила, туку и на разбирање на светот во кој расте детето.
Да му дозволиме на детето да згреши и да научи
Родителот сака да си го заштити детето. Но најтешки се токму оние одлуки што бараат да се повлечеме и да гледаме отстрана како нашето дете се обидува, паѓа и повторно станува.
Најголемата сила на родителот не е во тоа да го спречи секој пад, туку да верува дека детето знае како да стане.

Да му дозволиме на детето, особено кога ќе порасне, да се соочи со животните предизвици без наше постојано водство, значи да имаме доверба во сè што сме го научиле до тој момент. На крајот, најважните лекции не доаѓаат од нашите совети, туку од сопственото искуство на детето.
Да го поттикнеме детето да стане тоа што е
Родителството не значи постојана контрола, туку создавање простор во кој детето може слободно да истражува и да се развива. Тоа вклучува и грешки, неуспеси, па дури и хаос – но сето тоа во безбедна средина што го учи на одговорност.
Децата имаат потреба од дом во кој смеат да се обидат, да згрешат и повторно да се обидат. Ако не им го дозволиме тоа додека се мали, ќе се обидуваат подоцна, кога веќе нема да имаат заштитна мрежа.
Прашањето што родителите можат да си го постават во секојдневни ситуации е: „Дали ова што го правам го зајакнува моето дете или го ограничува?“
Вистинската сила на родителството не лежи во контролата, туку во довербата. Довербата дека нашето дете ќе знае да донесе добри одлуки, ќе се развие во стабилна личност и ќе покаже разбирање, и кон себе, и кон другите.