Секој родител чие дете има долга коса знае каква мака е кога треба да се расчешла косата, особено ако косата на вашето девојче (или момче) е сува и мека. Кога ќе го земете чешелот в рака, дури и најмилото ангелче се претвора во пискливо чудовиште кое не дозволува да му се приближите, а не пак да му повлечете четка низ косата. Решението на тој проблем зависи од дебелината на влакното, должината и текстурата на косата, па и фризурата која детето најчесто ја носи, но постојат неколку трикови кои можете да ги искористите за секојдневното чешлање да заврши без солзи.
Внимавајте каде нанесувате шампон
Кога му ја миете косата на детето, обично мислите дека многу пена е најдобар знак дека косата е чиста, а често и силно ја триете за да излезе целиот песок од играњето. Но, тоа е лош пристап, подобро е да се користи шампон кој помалку создава пена и да се тријат влакната така што нема многу да се заплеткува косата.
Користете вистински регенератор
Различните производи за миење на косата и телото, за кои пишува дека содржат регенератор, се добар избор за кратка коса, но не и за долга. Имено, долгата коса може да биде многу сува и потребна ѝ е добра нега, а во производите „3 во 1“ регенераторот не е многу делотворен. Затоа подобро изберете само регенератор приспособен на квалитетот и текстурата на косата. Ако косата е многу сува, изберете го оној што може да се остави без плакнење, па ставете го барем на врвовите од косата.
Чешлајте ја косата од врвовите
Кога ќе тргнете од темето, ќе ги повлечете влакната од врвот и така дополнително ќе ги заплеткате сите јазли кои се замотале низ влакната. Наместо тоа, најпрво расчешлајте ги врвовите на косата, па тргнете кон средина и дури потоа чешлајте ја косата од темето. Така ќе избегнете потегнување и кубење кое може да биде болно и е најчеста причина за солзи.
Сплетете ја косата во плетенка или опавче
Колку помалку коса се мавта околу главата на детето, особено на ветер, но и додека си игра дома, толку помалку коса ќе се заплеткува. Затоа уште додека е влажна, односно малку исушена, сплетете ја во плетенки. Додека детето игра, или јаде, косата нека биде во опавче, за да се намали ризикот да ја допира со рацете валкани од храна, од што влакната ќе се залепат.
Четкајте ја косата почесто
Четкајте ја долгата коса и почесто отколку што би сакале бидејќи тоа е единствениот начин да избегнете плеткање на влакната. Дури и ако косата ја миете еднаш неделно, темелно треба да се исчешла барем еднаш на ден. Најдобро веднаш по будење. И, секако, расчешлајте ја пред секое миење, за помалку да се заплеткува додека ја миете.

Користете спреј за расчешлување и мокра четка
Ако девојчето има многу долга коса, веројатно е сува, па спрејот за расчешлување е алатка без која нема да можете. Можете да си помогнете и со малку навлажнета четка за коса, бидејќи ќе се спречи да се развие ефект на „струја“, односно влакната да не се разлетаат на сите страни.
Дополнителна нега на коса
Набавете маска за коса која ги навлажнува и зајакнува влакната, па еднаш неделно ставете на косата, без разлика на тоа што вообичаено користите регенератор. Добро ќе дојде и чешлите да бидат од различни видови – од оние со многу широки запци до четки кои ги негуваат влакната.
Автор: Маријана Матковиќ