Децата не се родени со социјални вештини, па треба да ги научите соодветно да се однесуваат додека се уште мали. Правилата и последиците што ќе им ги всадите додека се мали ќе им останат врежани подоцна во животот. Следуваат 20 совети на експерти за дисциплинирање на дете.
1. Очекувајте тешки моменти
Некои ситуации и моменти во текот на денот може да бидат поттикнувачи на лошо однесување. Една од главните причини е промената на активности (будење, одење во кревет, прекин на играта заради ручек). Подгответе го детето на промена. Можете да му кажете: „Откако ќе го завршиш тој дел од играта, време е за ручек“.
2. Изберете го своето „оружје“
Доколку кажувате „не“ 20 пати дневно, тоа сосема ќе го изгуби својот ефект. Поделете го лошото однесување на приоритет 1, 2 и 3, а најмногу внимание посветете му на оној во најтежок стадиум. Доколку ги игнорирате малите испади (како врескање секојпат кога проверувате е-пошта), со време ќе престане да го прави тоа бидејќи ќе сфати дека нема никаков ефект.
3. Вклучете превентивни мерки
Вашиот дом нека биде приспособен на детето. Тргнувањето на скапиот накит од видикот на детето ќе ја елиминира играта со него. Одете порано во ресторан за да не морате со детето да чекате да се ослободи масата.
4. Вашите изјави нека бидат кратки и слатки
Кога се во прашање едногодишни деца кои имаат ограничен вокабулар, користете кратки реченици, на пример, „Без гризење“. Ова е многу поефикасно отколку да почнете да објаснувате зошто не треба да го прави тоа.
5. Одвлекувајте му го вниманието
Сигурно веќе го правите тоа, но важно е да бидете редовни. Дури и ако детето ја одврти тоалетната хартија, мирно тргнете го од тоалетот и затворете ја вратата. Со текот на времето ќе заборави на тоа.
6. Запознајте го детето со последиците
Детето би требало да научи какви последици ќе има неговото однесување. На пример, ако гласно инсистира самото да ги избере пижамите (што обично трае вечност), тоа значи дека нема да добие приказна за добра ноќ. Следниот пат ќе ја пушти мајката да одлучи, или пак самото ќе избере многу брзо.
7. „Расипувач на забави“
Никој од нас не сака да биде расипувач на забави, но ако сакате да научите како на најдобар начин да го дисциплинирате своето дете, морате да го правите тоа. На пример, ако детето се дофати до житарките полни со засладувач кои ги видело на телевизија, иако знаете дека ќе настане хаос во продавницата, држете се до своите одлуки. Подоцна ќе бидете среќни што тоа сте го направиле.
8. Претпоставете ги обидите за барање внимание
Вашето дете ќе направи сцена кога вниманието ви е насочено кон нешто друго, како готвење, разговарање на телефон и слично. Важно е на детето да му обезбедите друг вид забава, на пр., омилената играчка или ужина, за да остане окупирано.
9. Фокусирајте се на однесувањето, а не на детето
Секогаш кажувајте дека одредено однесување е лошо. Никогаш не зборувајте дека детето е лошо. Важно е тоа да знае дека го сакате, но дека ви пречи начинот на кој се однесува во тој момент.
10. Дајте му избор на детето
Кога му давате избори, значи дека има право на глас. Немојте само да му давате премногу опции.
11. Немојте да викате
Немојте да го кревате гласот во текот на дисциплинирањето, но променете го тонот да му биде јасно дека треба да послуша.
12. Забележете кога добро се однесува
Доколку го пофалите доброто однесување на детето, тоа почесто ќе се однесува така, а помалку ќе прави сцени за да го привлече вашето внимание. Позитивниот однос ќе поттикне добро однесување.
13. Реагирајте веднаш
Немојте да чекате да го дисциплинирате своето дете. Нема да се сети зошто е во неволја по 5 минути.
14. Бидете добар пример
Доколку сами реагирате мирно кога сте под притисок, детето ќе го види тоа и ќе го прави истото. Доколку имате изливи на бес кога сте вознемирени, немојте да се зачудите од таквото однесување на детето. Децата просто го имаат тој систем за следење на родителите, затоа е важно да бидете добар модел на однесување.
15. Немојте да се однесувате кон детето како кон возрасно лице
Детето навистина не сака да слуша лекција од вас, а нема да може ниту да ја разбере како што треба. Следниот пат кога ќе ги фрла шпагетите, немојте да почнете со лекција за фрлање, туку мирно одведете го детето надвор од кујната.
16. Мудро користете го игнорирањето
Кога ќе му го скратите своето внимание на ефикасен начин, детето навистина може да ја разбере пораката. Добра идеја е да не обрнувате внимание на него и тоа по една минута според секоја година од возраста. Сосема е во ред ако го пуштите детето помало од 2 години самото да се исплаче на подот. Само бидете внимателни – локацијата да биде безбедна за детето. Резервирајте ја оваа дисциплинска постапка за одредено однесување, на пример, гризење на другото дете.
17. Немојте да правите спогодби или ветувања
Доколку бидеш добар, ќе ти купам играчка – избегнувајте го ова. Во спротивно ќе создадете двегодишно дете чие убаво однесување доаѓа само со награда.
18. Менувајте ја стратегијата одвреме-навреме
Она што одлично функционирало кога детето имало 12 месеци, веројатно нема да има ефект и на 2 години. Како што расте, така и вие морате да ги приспособувате своите стратегии.
19. Немојте да реагирате избрзано
Иако често ќе ве повлече, немојте да се однесувате исто како детето. Морате да бидете возрасната личност во таквите ситуации. Постојат многу поефективни начини од шлаканица или викање. Доколку детето ве изнервира, оддалечете се, земете воздух, па потоа одберете начин на кој ќе реагирате.
20. Потсетувајте го детето дека го сакате
Секогаш е добра одлука дискусијата да ја завршите на позитивен начин. На тој начин ќе му покажете на детето дека сте подготвени да продолжите понатаму, а не да се држите до проблемот. Со тоа ќе му всадите важна порака – дека сите ограничувања ги поставувате баш затоа што го сакате.