Понекогаш децата имаат толку многу за учење, што едноставно не успеваат сè да задржат во главата. Но, со некои трикови, учењето и совладувањето на материјалот може да биде полесно и поефикасно.
Кон крајот на учебната година сè се сведува на учење. Толку многу нешта треба да се научат, да се совладаат и запаметат барем до тестот. Прекумерниот притисок понекогаш доведува до тоа децата да учат и учат, а сепак ништо да не се задржи во главата или да не останува доволно долго. Со мали трикови, сè може да тече полесно…
Еве неколку трикови што може да помогнат при учењето:
Претворете ги лекциите во приказни
Децата многу полесно паметат приказни отколку факти. Кога материјалот ќе се претвори во приказна со ликови и случки, полесно ќе остане во меморијата. Не е секогаш лесно да се направи, но за важни предмети вреди да се обидете.
Искористете го трикот „палати на помнење“
Детето нека учи ист предмет во иста просторија. На тој начин учењето и помнењето може несвесно да се поврзат со одредени предмети во просторијата. Иако на училиште ќе биде во друга просторија, ова може да помогне при совладувањето на материјалот.

Зборување додека учи
Читањето наглас активира делови од мозокот за слушање и говорење. Така шансата прочитаното да се запамети двојно се зголемува.
Боите нека си ја завршат работата
Боите, табелите во различни бои и забелешките го претвораат досадниот материјал во живописни слики. Интензивните бои, како оние од маркерите, помагаат да се поврзат емоции и факти, што го зајакнува долгорочното помнење.
Учење со помош на играчка или домашно милениче
Кога детето ѝ објаснува нешто на играчка или на милениче, го „притиска“ мозокот подобро да разбере. Ова е како повторување, а на детето нема да му биде досадно. Исто така, ќе сфати што не знае и што треба дополнително да вежба.
Учење во движење
Некои полесно учат кога повторуваат наглас, други со боја, а некои со одредени движења. Можеби на детето ќе му биде полесно да учи ако се движи и ако шета додека учи. На тој начин мозокот е буден и присутен, што помага полесно да учи.
Ужина за мозокот
Пред учењето, понуди му на детето мала ужина, но не каква било. На пример, банана, бадеми или темно чоколадо, нешто што ќе му помогне да се фокусира.