Од сопствено искуство, една мајка издвои неколку начини како одењето на фризер да не биде кошмар ни за вас ни за детето.
Мојот син – слатко, фино, паметно, забавно, енергично дете – секогаш сака по малку да ситничари, и тоа околу разни работи. На пример, за него не постои поголем проблем од одењето на фризер. Кога имаше седум години, требаше многу да се потрудам за сѐ да биде како што треба. Значи, ако потстрижувањето на детето е вистински кошмар за вас, ќе ви пренесам неколку совети како да си олесните.
Всушност, поентата е дека сите функционирале по еднаш, евентуално, двапати. Заборавив да напоменам дека освен ситничарењето, тој е и темпераментен. Главните работи што помогнаа да се смири на фризер беа времето и созревањето, над што, за жал, и немаме многу контрола.
Сепак, знаете што? Јас го поминав сето ова, ќе го поминете и вие. Верувам во вас и во вашето дете. Можеби некои од триковите што мене ми помогнаа ќе ви помогнат и вам и на вашето дете.
Има и такви што „не работеа“ во моја корист, па можеби би било паметно да ги избегнувате. Учете од моето искуство!
1. Подмитување
Тоа не мора да биде нешто огромно (според моето мислење, и не треба да биде бидејќи ќе влезете во маѓепсан круг), туку нешто мало, како автомобилче или кадифена играчка за која во друг случај би му рекле „не“. Забележав дека е многу корисно да се оди во фризерски салон кој е во близина на продавница за играчки. На тој начин поминуваме покрај излогот, тој станува многу возбуден за некоја играчка, а потоа следува договорот: „Добро, ако бидеш мирен на фризер, ќе се вратиме по играчката, важи?“
Ова функционираше и беше одлично! Но, како и повеќето работи, функционираше само еднаш. Сепак, можеби другите деца можат да се навикнат на подмитување.
2. Телефон
Дајте му го телефонот на вашето дете за да го гледа она што му е интересно, или да игра игри. Во секој случај, ова е многу корисно ако детето не ги добива многу често овие уреди, па тогаш целосно ќе се внесе и ќе се смири. Ако мора вие да го држите телефонот наместо детето, можеби ќе мора со фризерот да изведувате разни движења (во зависност од аголот што му одговара на фризерот во работата), но во секој случај може добро да испадне.
3. Благи работи
Ова можеби е најстариот и најефикасниот родителски трик, а со право спаѓа во класиците. Децата обожаваат благи. Дополнителен совет: Не избирајте благи што долго се јадат, како лижавчиња, бидејќи косата може да им се залепи за нив, па ќе имаат дополнителна причина за плачење.
Ова ви го кажувам од искуство.
Затоа е подобро да се одлучите за гумени бонбони или карамели. Може да му дозволите на детето само да ги избере благите.
4. Забавен фризер
За некои деца седењето на интересен стол во форма на тркачки автомобил во текот на потстрижувањето прави огромна разлика. Фризерските салони наменети за деца обично се поскапи, но ако не знаете како да се изборите со детето, тогаш навистина вредат. Не само што вашето дете ќе „вози автомобил“ или ќе „јава коњ“, туку покрај себе ќе имате фризер кој умее да се справи со малечките додека се врткаат.
5. Потстрижувајте ги вие
Не сум личност што лесно се адаптира на што било кога се работи за координација на движења. Кога сум била дете, сум била многу лоша во сите домашни задачи каде што било потребно сечкање. Со други зборови, и натаму сум лоша во она на што децата докторираат на 9 години. Всушност, поентата е дека не е тешко да потстрижете некого лесно и набрзина. Малку од едната, малку од другата страна и готово. А ако оплескате? Искрено, тие се деца, ќе бидат слатки без оглед на сѐ. Навистина не е многу важно.
6. Повикајте фризер дома
Ова всушност не го правев јас, но имам пријатели чии деца од врескање во салонот дошле до точка да бидат среќни кога ќе му ја отворат вратата од својот дом на фризерот. Сепак, ова ќе биде малку поголем трошок, но ако имате причина, тогаш навистина вреди.
7. Сфатете дека потстрижувањето е само избор
Искрено? Повеќето пати кога одев на фризер да ја средам својата фризура заедно со синот се покајав! Навистина, потстрижувањето е целосно опционално. Па што ако нема совршена фризура? Сѐ додека косата му е чиста и исчешлана, сѐ е како што треба. Навистина би сакала да бев поопуштена и да се водев од тоа дека „неговата коса е негов избор“. Не само што сфатив дека тоа би било вистинската работа, туку би ми заштедило и време, и пари, и енергија, па и нерви. Но, добро. Живееме и учиме.
8. Давање причини
Хахахаха…
Тие се деца! Тие мислат дека „Моќните ренџери“ се вистински. Зарем навистина мислите дека ќе поверуваат во вистинските причини? Не мачете се.
9. Молење
Во најдобар случај, ќе ве напикаат во аголот. Во најлошиот случај, ќе ги бараат вашите солзи бидејќи за нив се како колачите (веќе кажавме колку ги сакаат). Се разбира, не велам дека децата се монструми, барем не постојано, но им се случува и на најфините.
10. Закани
Токму тука и зажалив (особено откако сфатив дека потстрижувањето е работа на избор). Тоа едноставно не функционира. Барем не во мојот случај. Само создадоа стресна ситуација која милион пати е полоша бидејќи сега детето не само што се преплашило од моменталната ситуација, туку и од некоја идна ситуација. Навистина не го препорачувам ова.
11. Срам
Најсериозно, никогаш не срамете го детето. Не зборувајте, па не ни претпоставувајте дека луѓето ќе му судат ако не се потстриже или дека ќе изгледа лошо ако не го направи тоа. Па дури и да ви успее, навистина не е вредно да создавате долгорочни последици кои ќе доведат до тоа детето да мисли дека секогаш му е потребна нечија потврда.