Во време кога цените на детската опрема, облека и играчки постојано растат, многу родители се одлучуваат за половни или наследени предмети. Сепак, експертите предупредуваат дека некои производи, иако навидум во добра состојба, можат да претставуваат сериозен ризик за безбедноста на детето.
Половните предмети можат да бидат одличен начин да заштедите пари и да имате одржлив пристап, но не сите се еднакво безбедни. Организацијата за заштита на потрошувачите „Вич?“ издвои неколку производи што никогаш не треба да ги користите половни.
Автомобилски седишта
Иако половното автомобилско седиште може да изгледа совршено добро, можно е претходно да било во сообраќајна несреќа или да паднало, што може да предизвика невидливи внатрешни оштетувања. Ваквите оштетувања, како што се микропукнатините, можат сериозно да ја загрозат безбедноста во случај на судир.
Покрај тоа, ремените можат да ослабнат со текот на времето, особено ако се чистат со јаки детергенти. Постарите модели честопати не се во согласност со новите безбедносни стандарди, а недостигот на оригинални упатства дополнително го зголемува ризикот од неправилна инсталација. Загрижувачки е што 22 проценти од родителите признале дека користат половно автомобилско седиште.

Половни душеци
Душеците за креветчињата, исто така, можат да претставуваат ризик, особено ако не се од семејниот дом. Експертите предупредуваат дека половните душеци можат да го зголемат ризикот од синдром на ненадејна смрт кај новороденчиња.
Ако одлучите да користите половен душек, важно е да проверите дали има водоотпорна навлака и дали е темелно исчистен и исушен. Душекот мора да биде цврст и рамен и веднаш по притисокот да се врати во првобитната форма. Исто така, мора совршено да се вклопи во креветчето, без празнини околу рабовите, за да се избегнат можни повреди.
Кациги
Како и детските седишта за автомобили, така и велосипедските кациги не треба да се купуваат половни. Иако може да изгледаат неоштетени однадвор, не постои начин да се знае дали претрпеле удари или падови, што може да ја ослабне нивната структура. Новата кацига гарантира целосна безбедност, додека половна може да претставува ризик, дури и ако работи правилно.
Што е безбедно да се купи половно?
И покрај сè, постојат половни предмети што се сметаат за безбедни за купување, под услов да се во добра состојба и да ги исполнуваат безбедносните стандарди. Тука спаѓаат колички за бебиња, креветчиња, безбедносни врати за скали и детски мебел. Со дополнителна претпазливост, можете да размислите и за купување носилки за бебиња, играчки, детска облека и монитори за бебиња.