Целта ни е да обезбедиме најсреќно детство за нашите деца. Иако во нивните очи тоа значи многу игра, забава, патувања и одење во игротека, родителите знаат дека правилната исхрана е многу важна компонента за здраво и среќно растење. Тоа е делот кој не им е толку интересен на децата, но со неколку мали трикови, секој оброк можете да го направите забавно искуство.

Мора да се согласиме дека здравите оброци понекогаш знаат да изгледаат малку монотоно, па наше е да ги направиме што е можно поинтересни за нашите најмлади. Додека обично сме со нив за време на појадок, ручек и вечера и можеме да учествуваме во оброкот со тоа што ќе ги охрабриме да пробуваат нови работи и да ја јадат сета храна што им ја подготвуваме, со грицките тоа е друга приказна, бидејќи тие често ги јадат додека се во градинка или училиште, па мораме да се погрижиме да се доволно примамливи за детето да се мотивира да ги јаде.

Колку и да е здрава и вкусна таквата храна, едноставно знаете дека детето може да ја врати дома во иста форма доколку не му била интересна. Затоа проследете ги следните три идеи – како да направите забавна и интересна закуска за децата, а притоа да промовирате здрава исхрана. Со само неколку потези, виршлите можете да ги претворите во минијатурни октоподи, сендвичите во интересни бувови, а здравите овесни палачинки во оброк кој ќе го насмее секое дете. Веројатно и самите се сеќавате на вашите омилени оброци кога сте биле дете, а можеби некои од тие што ќе ги подготвите ќе станат спомени кои вашето дете ќе ги памети цел живот.

Октоподи од виршли

Состојки: 1 пакување виршли

Прилози по избор: варен зеленчук, интегрално печиво, сосови…

Подготовка: Секоја виршла пресечете ја на половина по должина, но не цела, туку само до средината на виршлата. Исечете го секое исечено парче исто така на половина, додека не добиете осум еднакви краци. Ваквите мали октоподи ставете ги да се варат во зовриена вода, а нивните „раце“ ќе се искриват нанадвор – исто како вистински октопод! Со мини октоподите послужете шарен варен зеленчук, интегрално печиво и вашиот омилен сос, на пример, кечап.

Сендвич во форма на був

Состојки: 2 парчиња интегрален тост, малку путер, пилешка шунка, неколку листови зелена салата, 1 мала краставица, гауда кашкавал или нешто слично, 1 морков, малку семки од тиква.

По избор: свежо овошје

Подготовка: Две кришки интегрален тост пропржете ги на масло додека не поруменат. Со помош на работ од стаклена чаша, извадете го долниот дел од тостот за да добиете карактеристичната форма која ќе потсетува на глава од був. Рабовите на тостот кои остануваат неисечени ќе послужат како уши за бувот.

Намачкајте ги двете парчиња тост со путер, додајте неколку парчиња од шунката и покријте ги со листови зелена салата. Соединете ги двете кришки во сендвич. Свежата краставица исечкајте ја на прстени и потоа исечете ги на половина за да добиете форма на крилца. Морковот исечете го во форма на клун за бувот, а кашкавалот на два еднакви круга. Сендвичот послужете го со кришки краставици и моркови и со свежо овошје по желба.

Насмеани палачинки од овесни снегулки

Состојки: 1 1/2 шолја овесна каша, 1 голема презрела банана, 1 шолја + 2 лажици млеко по избор.

Декор: 1 банана, неколку малини, неколку боровинки.

Подготовка: Сите состојки за палачинки измешајте ги во блендер и кратко мешајте додека не добиете изедначена смеса. Оставете ја смесата да отстои неколку минути за да омекне овесната каша. Пропржете ги на загреана тава со неколку капки масло. Кога на врвот од палачинките ќе се појават меурчиња, време е да ги завртите на другата страна и да ги оставите да се печат уште малку. Исечете ги бананите на прстени, а малините преполовете ги по должина. Наредете ги малку изладените палачинки на чинија, додајте два прстени од банана и две боровинки како очи и половина малина како насмеани усни – на секоја палачинка.

Овие оброци загарантирано ќе ги задоволат и најпребирливите деца.

Извор



912

X