Тргнувањето во градинка претставува предизвик за целото семејство, особено за детето, од кое се очекува да се приспособи на сосема новите околности. Од заштитено и познато опкружување, детето доаѓа на ново место, меѓу нови луѓе, а што е најпредизвикувачко, некои деца првпат се одвојуваат од родителите.

Како ќе се доживее разделбата, зависи првенствено од типот на приврзаност што ја развило детето. Приврзаноста се развива од најраните интеракции помеѓу негувателот (најчесто мајката) и детето, што значи од раѓање или, според некои автори, веќе во пренаталниот период. Најважниот период за неговиот развој е до втората година од животот.

Истражувањата покажуваат дека т.н. сигурна приврзаност со детето ја развиваат родители кои градат грижлив однос од рана возраст, го почитуваат детето, го охрабруваат во смисла на поддршка и поттикнување на развојот и независноста, ја задоволуваат потребата на детето за структура, рутини и ритуали и поставуваат конзистентни и цврсти граници. Детето што изградило сигурна приврзаност е емотивно безбедно, во присуство на родителот без страв ја истражува околината, кога родителот заминува, покажува вознемиреност, а кога се враќа, задоволство и радост. Побрзо и полесно се приспособува на новата средина, а со тоа и на градинката.

Стравот од разделба е најинтензивен од осмиот месец до втората година од животот

Покрај приврзаноста, на адаптацијата на детето во новата средина влијаат и низа фактори, од кои најважни се: возраста, темпераментот, развојните карактеристики, здравствената состојба, стилот на воспитување, севкупната семејна динамика и претходното искуство на детето.

Кога зборуваме за возраста, треба да имаме на ум дека стравот од разделба е најинтензивен од 8 месеци до околу две години, а децата на таа возраст најтешко се приспособуваат на новата средина. Колку е помало детето, толку се поважни знаењето и предвидливоста на просторот и настаните. Рутините и ритуалите му даваат чувство на сигурност на малото дете, но не треба да се занемари ниту поттикнувањето на флексибилноста. Тука доаѓаме до разликите меѓу децата во однос на темпераментот. Деца со тежок темперамент потешко се приспособуваат и бараат трпение и дополнителна поддршка од возрасните. Потешко се приспособуваат и децата што често се разболуваат, па поради тоа не доаѓаат редовно во градинка.

Истражувањата покажуваат дека очекувањата и однесувањето на родителите имаат големо влијание врз приспособливоста на детето. Имено, некои родители и самите се борат со анксиозност поради тие први, рани разделби. Тие вербализираат страв за безбедноста на детето и стравуваат дека разделбата ќе има негативни последици врз неговиот развој. На невербално ниво, вознемиреноста се манифестира со тажен или загрижен израз на лицето, грчевито држење на детето или двоумење при одвојување, а детето исто така почнува да се чувствува вознемирено и несигурно.

Затоа, општите препораки поврзани со подготовката на детето за новата средина се поврзани со градење сигурна приврзаност, почитување на карактеристиките и темпераментот на детето и увид во сопственото однесување и искуства.

Совети за родителите:

  • Од самото раѓање, градете врска на сигурна приврзаност и доверба: еден начин е да се поздравите со вашето дете секогаш кога ќе одите – немојте да се искрадувате;
  • Почитувајте ја важноста на структурата, рутините и ритуалите: во текот на летото обидете се да го приспособите дневниот ритам на хранење, спиење и излегување надвор;
  • Договорете се со детето која омилена играчка ќе ја земе за утеха;
  • Пред одењето во градинка не е пожелно детето да се одвикнува од пелени, шишиња или цуцли, бидејќи ќе има доволно „работа“ да се навикне на сосема нова животна средина;
  • Пред да оди во градинка, обезбедете му повремени кратки и пријатни искуства;
  • Прифатете дека децата имаат различен темперамент и поставете реални очекувања за детето.

Обидете се да изградите позитивен став кон институцијата и однос на доверба со воспитувачите, при што е важно детето да го види и да го почувствува тоа: и што е најважно, запомнете дека адаптацијата кон новата средина е многу напорна задача, детето е во чувствителна фаза и има потреба од вашата целосна поддршка, внимание и време.

Извор



912

X