Истражување спроведено на 1.000 татковци во Обединетото Кралство покажало дека треба многу повеќе да се обрне внимание на татковците и како на нив влијае раѓањето на детето.
Голем број – 84 отсто од испитаниците сметаат дека влијанието на раѓањето на детето врз татковците поминува незабележано, а 72 отсто од нив изјавиле дека на новите татковци не им се дава доволно поддршка. Дури третина од британските татковци тврдат дека доживеале „постпородилна депресија“, од која чувствувале тегоби по раѓањето на детето, а голем дел од нив имале тешкотии да се зближат со бебето.
На прашањето како се чувствувале на самиот почеток од новото патување, речиси четвртина од новите татковци навеле дека за нив тоа бил огромен притисок, додека 22 отсто од татковците рекле дека се исцрпени поради недостиг на сон. 21 отсто од татковците рекле дека се под голем стрес поради новата одговорност, 16 отсто се жалеле дека немаат доволно време за работите во кои уживале, а 15 отсто се чувствувале дека потфрлиле во улогата на родители.
Ова истражување, нарачано од „Ергобејби Ју-кеј“, открило дека половина од татковците се чувствуваат посрамено бидејќи тешко се справуваат со новиот предизвик. Следствено на тоа, имале чувство дека семејството и пријателите ги осудуваат, а поголемиот дел од нив чувствувале притисок и од целото општество во целина. Повеќе од половината британски татковци воопшто не зборуваат за своите тегоби, туку страдаат во тишина. Работите не се подобруваат затоа што средината наметнува чувство на срам во врска со родителските функции, тврдат испитаниците.
Носењето на новороденчето за британските татковци е еден од трите главни начини за зближување, па 62 отсто од нив сметаат дека тоа им помогнало да воспостават врска со своето дете. Затоа, сметаат татковците, не треба да бидат исмејувани во јавноста поради тоа, туку напротив, треба да се бодрат. Бидејќи носењето на бебето има предности, на пример, позитивното влијание на емоционалната и когнитивната зрелост на бебето, често е и начин за негово смирување, а носилките, пак, се идеални за заспивање.
Други два најпопуларни начини се играњето со детето и зборувањето. Заспивањето на бебето исто така е една од методите преку кои таткото се зближува со своето дете, потоа следува бањањето, па хранењето. Дури 9 од 10 татковци рекле дека би било многу корисно кога за нив би имало достапни информации за поврзување со детето, односно се заклучува дека кај нив постои желба да научат повеќе.
Истражувањето покажало дека дури 92 отсто од татковците, сепак, не би го менувале татковството за ништо во светот, и покрај тешкотиите, а 96 отсто од нив сметаат дека да се биде татко е најдоброто искуство што постои.