Да сте родител на новороденче, значи да се соочите со неизбежен замор и непроспиени ноќи. Но, една студија објавена во списанието „Педијатрија“ покажала дека дури 28 отсто од мајките понекогаш заспиваат додека ги хранат своите бебиња. Иако ова е разбирливо, експертите предупредуваат дека заспивањето додека се храни бебето го зголемува ризикот од синдром на ненадејна смрт на доенчиња.
Имено, кога бебето ќе заспие на мека површина, опкружено со перници или ќебиња, ризикот од задушување и други повреди значително се зголемува.
Што открила студијата за заспивањето додека го храните детето?
Истражувачите од Универзитетот во Вирџинија анализирале податоци од повеќе од 1.250 мајки и нивните бебиња на возраст од два до три месеци. Резултатите покажале дека:
-28% од мајките признаваат дека понекогаш заспиваат додека го хранат своето дете.
-Речиси 34% од мајките заспиваат во кревет, додека 17% заспиваат на кауч или стол.
-Најголемиот проблем е што 83% од овие ситуации се случуваат непланирано, што го зголемува ризикот од опасни ситуации за бебето.
Дали е вообичаено заспивањето за време на хранењето?
Експертите се согласуваат дека заспивањето додека ги хранат бебињата е честа појава за уморните родители.
-На родителите треба да им се каже дека заспивањето за време на доењето или хранењето со шише е вообичаено и може да се случи – објаснува д-р Шелизе Тор од Медицинскиот центар на Универзитетот „Рочестер“.
Сепак, важно е да се напомене дека Американската академија за педијатрија (ААП) не препорачува спиење со бебето в кревет. Доколку веќе постои можност да заспиете, експертите сметаат дека е побезбедно да доите во странична положба на цврст и рамен душек отколку на кауч или стол.
Како да се создаде безбедна средина за хранење?
Планирањето е клучно за безбедноста на бебето за време на ноќното хранење. Еве неколку совети за побезбедна средина за хранење на вашето бебе.
-Безбеден кревет: ставете го душекот подалеку од ѕидот и отстранете ги перниците, ќебињата или каблите кои се во близина на бебето.
-Странична положба за доење: Дојте легнати во странична положба за да го намалите ризикот од превртување на бебето.
-Вратете го бебето во креветчето: Штом ќе заспие, преместете го во безбедно опкружување како креветче или лулка, на грб.
Д-р Џесика Маден, педијатар и неонатолог, препорачува бебињата да спијат во иста соба со нивните родители, но во сопственото креветче.
-Ова го олеснува хранењето ноќе и му овозможува на бебето да се врати во безбедна средина по хранењето – додава таа.
Ако сте загрижени дека ќе заспиете додека го храните вашето бебе, обидете се со следните стратегии.
-Хранете го во осветлен простор: вклучете ја светилката и обидете се да останете будни гледајќи серија, слушајќи поткаст или аудиокнига.
-Пијте ладна вода: Одржувањето на хидрираноста може да ви помогне да останете будни.
-Вклучете го вашиот партнер: замолете го вашиот партнер или член на семејството да ве проверува на секои 15 минути за време на хранењето.
-Избегнувајте седативи: Пред хранење, избегнувајте лекови кои предизвикуваат поспаност, како што се антихистаминици или средства за спиење.
-Променете ја положбата: Ако имате чувство дека ќе заспиете, преместете се во друга просторија или сменете ја седечката положба.
-Одморете се кога можете: искористете ги можностите за кратки дремки во текот на денот за да го намалите заморот во текот на ноќта.
912