Воспитување

Тренд на опасни „Тик-ток“ предизвици – родители, внимавајте

„Тик-ток“ на повеќето им е познат по видеата за танцување, пеење, готвење, уредување ентериери, начин на живот и комични моменти, но одвреме-навреме се појавуваат содржини кои можат да бидат потенцијално опасни за најмладите корисници. Иако апликацијата е наменета за возраст од 13 и повеќе години, огромното мнозинство на корисници на таа платформа се токму малолетници кои лесно можат да бидат привлечени од виралните трендови.

Некои предизвици на мрежата или вирални видеа, кои ги поттикнуваат корисниците повторно да креираат таков предизвик на свој профил, довеле до многубројни повреди, злосторства, па дури и смртни случаи. „Тик-ток“ се огради од ваквите опасни видеа и презеде мерки за филтрирање и блокирање на видеа кои би можеле да ја загрозат заедницата, пренесуваат светските медиуми. „Тик-ток забранува содржина што промовира или велича опасни дејства, а ние ги отстрануваме видеата и ги пренасочуваме пребарувањата кон нашите политики за да ги обесхрабриме таквите содржини“, истакнал портпаролот на „Тик-ток“. „Ги охрабруваме сите да бидат внимателни во своето однесување, без разлика дали се онлајн или не“.

Подолу во текстот прочитајте за опасните видеопредизвици на „Тик-ток“ кои довеле до сериозни повреди, прекршочни казни, па дури и смрт на учесници. Родителите треба да бидат свесни за овие опасни трендови за да можат навреме да реагираат.

„Орбиз“ предизвик

Овој предизвик вклучува полнење на пиштол-играчка со водени пелети, а во некои случаи корисниците ги замрзнале пелетите за да ги направат поцврсти и поболни кога ќе дојдат во контакт со кожата. Тинејџери во Флорида, во Пембрук Пајнс, наводно застрелале повеќе од дваесет луѓе, меѓу кои и постар граѓанин, и биле уапсени и обвинети за кривично дело и прекршок.

„Колку длабоко можеш да копаш?“

Во овој навидум безопасен и невин предизвик корисниците се охрабруваат да копаат што е можно подлабоки дупки за време на нивните посети на песочни плажи. Овој предизвик се покажа како штетен за локалниот див свет, но и потенцијално опасен за посетителите на плажа. На островот Марко во Флорида официјалните лица побараа од учесниците во овој предизвик повторно да ги закопаат дупките по снимањето за да ги заштитат морските желки.

Предизвик за онесвестување

Предизвикот за онесвестување, наводно, постои од 1995 година, но неодамна повторно се појавил на платформата. Овој предизвик ги охрабрува учесниците да го задржат здивот или да се дават додека не се онесвестат, ветувајќи „еуфорично“ чувство како резултат на тоа. Предизвикот резултирал со сериозни повреди, како и смртни случаи. Родителите на две девојчиња кои рекле дека нивните деца починале како резултат на „предизвик за онесвестување“ на „Тик-ток“ ја тужеле компанијата, тврдејќи дека нејзиниот алгоритам намерно им сервирал на децата опасни содржини што довеле до нивна смрт.

„Срушете ја вратата“

На почетокот на оваа година нов сомнителен предизвик стана вирален на социјалните мрежи. Предизвикот вклучуваше тинејџери да ги удираат влезните врати на туѓинци. „Луѓето што вршат ваков вид активност не знаат како ќе реагира сопственикот“, истакнал Кери Код од канцеларијата на шерифот Бровард во Југоисточна Флорида. Можно е тоа да ескалира во физичка пресметка, повреда, дури и смртни повреди.

Огнен предизвик

Овој предизвик произлегол од инфлуенсер на „Тик-ток“, а во сега отстранетото видео тој прскал со лак за коса на огледало во бања, ги исклучил светлата, а потоа го запалил. Предизвикот е исклучително опасен и може да доведе до пожар, како и до посериозни повреди, предупредуваат експертите.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top