Во некои образовни установи имало дезинфекција, други темелно се чистеле, а во некои објекти се поминало со тековното утринско чистење

Во ходниците и холовите на училиштата и градинките, фискултурни сали, како и во просториите за гласање за претседателски избори во градинките и во училиштата во неделата поминаа многу луѓе. И несомнено објектите беа изложени на нечистотија, бактерии и вируси. Еден ден подоцна во нив влегоа дечињата. Директорите сами одлучувале како ќе постапат кога станува збор за хигиената во објектите, во меѓупросторот од 10 часа кога биле ослободени објектите. Така, некои претходно организирале да се направи дезинфекција, други – темелно чистење, а во некои објекти се поминало со тековното утринско чистење.

Фото: Борче Поповски

Родители развија дискусија на социјалните мрежи за тоа дали воопшто треба да се гласа во градинки, како треба да се исчистат објектите за да бидат безбедни за здравјето на децата, т.е. дали треба да се прави дезинфекција во нив.
Епидемиологот Катерина Ставридис вели дека вирусите се задржуваат најмногу 2 часа во надворешна средина (на предмети, во воздухот).
– Бидејќи од недела до понеделник се поминати повеќе часови, нема опасност од нивно ширење. Со чистење и проветрување сè би било во ред, нема потреба од некаква специјална дезинфекција – вели Ставридис.

Директори на градинки не сакале да ризикуваат, особено поради бактериите.
Во градинката „8 Март“ во Општина Кисела Вода се гласаше во два клона. Габриела Стојановска, директорка на градинката, на сопствена иницијатива договорила дезинфекција со Центарот за јавно здравје.
– Утрово во градинката дезинфицираа лица од Центарот за јавно здравје. Пишавме претходно писмо до Државната изборна комисија, баравме во иднина да не се организира гласање во градинка. Но оттаму ни рекоа дека немаат друга опција. Со самиот факт што вчера толку многу лица поминале овде и се раздвижиле, а тука се згрижуваат деца кои се малечки и кревки, дезинфекцијата е нешто што е неопходно. Нашиот персонал си чисти и дезинфицира редовно, но лица од Центарот за јавно здравје дојдоа и испрскаа за да уништат сè што е потенцијална опасност во воздухот. Ќе се дезинфицира и по вториот изборен круг. Здравјето на децата ни е најважно – вели Стојановска.

Во училиштата ситуацијата е малку поинаква. Наместо дезинфекција, извршено е редовно чистење по првиот избирачки ден.
– Откако заврши изборниот процес, хигиеничарките го исчистија училиштето, поминаа со средства и во тоалетите и во училниците, како и во холовите. Клупите и столчињата се наместени како што беа за да може наставата непречено да се одвива. До мене како директор на училиштето не стасало укажување од ДЗСИ за некакво посебно чистење. Во секој случај, уште вчера вечерта беше средено сè. Многу луѓе поминаа овде за изборниот ден, но од денеска сè е чисто и на своето место – вели за Деца.мк, Бистрица-Станковска, директорка на Основното училиште „Гоце Делчев“ во населбата Лисиче.

Прашавме и во Државниот санитарен и здравствен инспекторат дали има посебни правила за одржување на хигиената во услови на епидемија. Оттаму одговорија дека според досегашната практика, не се издавала наредба за дезинфицирање.
– Ние досега не сме им давале решенија за дезинфекција на училиштата, градинките и на други објекти во кои се одржува гласање. Но тоа е препорачливо, и тоа училиштата досега го правеа. Со решение не сме ги задолжувале. Бидејќи овој пат има прогласено епидемија, тие би требало сами да исчистат. Ние немавме ниту листа со објекти за да можевме тоа со решение да го направиме – вели Ирина Бухова, директорка на Инспекторатот.



912

X