Кога се работи за децата и бебињата на пријателите, неизбежно е понекогаш работите да бидат малку чудни.
Споделувањето не е секогаш знак за грижење
Децата се најважен дел од нашите животи, па природно е да имаме силни ставови и мислења за родителството. Кога се споделуваат таквите мислења, не е невообичаено да се случи едниот пријател ненамерно да го навреди другиот, некој да заземе одбранбен став, а некој едноставно да се налути.
Овие примери се во релација со генерализирани проблеми, но како да се постапува кога ваквите разговори ќе станат повеќе лични отколку што треба?
Наоѓајќи се во ваква ситуација, една жена го споделила своето искуство на веб-страницата „Мрежа за мајки“, надевајќи се дека ќе добие некаков совет.
Да се каже или не?
Во нејзината објава пишува: „Имам пријателка која неодамна роди прекрасно момче. Размислува да му го даде името Милер и ме праша што мислам. Дали да ѝ кажам (на тактичен начин)? Сметам дека тоа е одвратно име“.
Тука се поставува прашањето: Да се каже или не? Повеќето од жените што ѝ одговориле сметаат дека мислењето треба да си го задржи за себе. Една напишала „Дефинитивно не“, додека друга напишала „Не. Не е твое бебе“. Друга личност, пак, коментирала „Каква врска има тоа со тебе?“
Дали искреноста е најдобриот начин?
Од друга страна, треба да се земе предвид фактот дека нејзината пријателка директно ја прашала за совет. Следствено на тоа, не би било подобро да се каже вистинското мислење отколку да се лаже само за да не се повредат нечии чувства?
Друг коментар, спротивен на првите, гласел: „Да, биди искрена! Освен ако таа нема одредена сентиментална причина за тоа име! Мојата пријателка го мразеше името Матилда, но јас сепак го искористив, тоа беше само нејзино мислење“. Други коментирале, исто така, дека е во ред да се каже мислењето, особено кога некој ви го бара.
Многумина преферираат брутална искреност, но не сите размислуваат исто. На пример, ако пријателката ве праша дали добро ѝ стојат новите фармерки во кои очигледно е вљубена, таа секогаш сака да слушне нешто охрабрувачко и позитивно. Па дали, во одредени ситуации, „белите лаги“ се во ред?
Па така, во однос на прашањето дали ви се допаѓа името на бебето од вашата пријателка, најдобро е сами да ја донесете таа одлука. Но, бидете тактични. Често поважно е како ги кажуваме нештата отколку што кажуваме.
Автор: Соња Ковањко