Воспитување

Треба да се ослободиме од етикетата на изморена мајка

Замислете мајка…

Најверојатно е на нозе цел ден. Прави појадок, ги мие садовите и пушта машина за перење. Подготвува одлични роденденски забави и дава сè од себе за децата да бидат среќни секој ден. Пред пандемијата, таа била возач, оставајќи ги децата секаде каде што требало за нивните активности. Сега, надгледува онлајн-учење и се обидува да го направи животот на децата колку што е можно понормален. А ние дури и не зборуваме за нејзината работа, знаете – онаа што ги плаќа сметките.

Нејзина одговорност е. Таа е изморена цело време и се бори да најде момент за да се истушира, но затоа се тука мајките, нели? Кога мислиме на мајка, секогаш ја замислуваме онаа верзија на жена која целосно се губи себеси? Жената која исчезнува…Секоја минута од нејзиниот ден е обземена со обидите да се задоволат потребите на другите. Нејзините не се важни. Не само тоа, туку и ја романтизираме таа жртва. На моменти дури и се претвора во некаков вид болен натпревар: колку повеќе заборавате на себе, толку подобро. И ако успеете да исчезнете целосно, не останува ништо освен сеќавањето на вас, дека некако сте победиле.

Кој е проблемот?

Па што? Зарем не треба сите мајки да се жртвуваат за своите деца? Сепак, нашите деца не барале од нас да ги донесеме на овој свет. Не само тоа, туку и во првите неколку години од нивниот живот – тие целосно зависеле од нас. Зарем не треба да се грижиме за нив? Да бидат безбедни? Па да, треба. Тоа е наша одговорност – сепак, изгледа дека ова сме го довеле на патолошко ниво. Наша задача е да бидеме добри мајки, но забораваме дека, пред сè, треба да бидеме свои. Инаку, влегуваме во маѓепсан круг – жртвуваме сè за децата да бидат среќни и да напредуваат, но истовремено им кажуваме дека добрите родители треба да го запостават својот живот за среќата на децата. Дури и им кажуваме дека да се има деца е единствениот вистински клуч кон среќата. Ајде да започнеме со тоа…

Дали сакаме да живеат стресно и да се збогуваат од нивните соништа засекогаш

Се прашувам, што ако нашите деца одлучат дека родителството не е за нив? Или дека нивните животи ќе ги водат по пат каде што нема бебиња. Дали треба да претпоставиме дека ќе бидат несреќни засекогаш? Или, ако одлучат дека ќе бидат родители, дали сакаме да живеат стресно и да се збогуваат од нивните соништа засекогаш? Дали сакаме да се вклопат во калапот на зафатени родители: Им кажуваме на децата, повторно и повторно – „борете се за вашите соништа, може да постигнете сè што ќе замислите“. Во исто време, им покажуваме колку нешта сме жртвувале, колку наши илузии биле скршени за да можеме да се грижиме за нив, бидејќи само така можеме да бидеме добри мајки. Дали тоа е праведно кон нив? Мислам дека никој не го заслужува тој товар. Можеме да зборуваме што сакаме, но на крајот, најголемата лекција на која ќе ги научиме нашите деца ќе произлезе од нашето однесување. Тие гледаат сè што правиме. Секојпат.

Ако им покажеме дека е најдобро да се преточиме во нашите очекувани улоги, без да се бориме за работите што ги сакаме, тоа ќе го научат. Ако ги научиме дека за да не нè нарекуваат лоши мајки, треба да го правиме тоа што општеството ни вели дека добрите мајки го прават, тие кон тоа ќе се стремат.

Не сакам моето дете да го научи тоа. Кога мисли на мене, кога ќе се сеќава на мене, сакам да мисли на среќна жена – онаа што се смеела и била задоволна. Сакам да знае дека така изгледа нормалното. Моја желба е да научи оти мајка му го сакала не само затоа што организирала прекрасни роденденски забави, туку затоа што била тука за него и го научила да се залага за себе и да работи напорно за она што го сака. Можам, се разбира, да зборувам многу. Но, ништо нема да биде толку значајно како моментот кога ќе ме гледа како одам напред и постигнувам. Сепак, ова не зависи само од мене.

Одговорноста за промена на оваа парадигма, за ослободување од оваа етикета е на товар на сите нас.

Треба да престанеме да ги засрамуваме жените што не се „совршени“ мајки.

Треба да престанеме да ја прашуваме: „А кој се грижи за твоите деца?“ секоја мајка што ќе ја сретнеме.

Треба да направиме грижата за децата (градинки) да биде лесно достапна и пристапна, па жените да можат да си ги вршат работите знаејќи дека нивните деца се безбедни и добро згрижени. И се разбира, ако имаат партнер, треба да знаат дека не се сами во ова патување, дека имаат партнер од доверба кој ќе се залага за нив на дневна основа, а не само кога сака да се чувствува како херој. Етикетата на изморена мајка никогаш не била симпатична. Време е да се ослободиме од неа.

Автор: Џиби Рогут

Извор

Поврзани написи

To top