Трчањето или занимавањето со спорт во природа веќе е доволен стрес за белите дробови, а во текот на сезоната на алергии може сериозно да влијае врз целиот респираторен систем на човекот. Ако страдате од сезонски алергии, трчањето на отворено може да стане и не баш толку пријатно искуство. Тоа особено се однесува на периодот од годината кога алергените се во поголема концентрација присутни во воздухот.
Од мај до јули има најмногу полен од тревата
Ако поленот од дрвјата најмногу ви пречи, треба да знаете кога е најприсутен. Од мај до јули има најмногу полен, а од амброзијата чувајте се од август до првиот поголем мраз. Дали тоа значи дека во текот на овие месеци не може да се трча на отворено и да се ужива во природата, доколку се соочуваме со сезонски алергии? Не. Потребно е придржување до советите на експертите за да си помогнете себеси и да ја држите алергијата под контрола.
Периодот од денот е важен критериум за избегнување алергени
Количината на полен во воздухот варира во зависност од времето на денот. Сознанието кога специфичен алерген е поттикнувач на највисоко ниво ни покажува кој период од денот е добар за трчање надвор. Американскиот колеџ за алергија, астма и имунологија нагласува дека во текот на пролетта и летото концентрацијата на полен кај дрвјата и во тревата главно е поголема во вечерните часови. Амброзијата, која може да биде проблематична кон крајот од летото и почетокот на есента, обично е „најактивна“ наутро.
Да се дознае личната критична точка на концентрација на полен
Додека некои луѓе развиваат симптоми на алергија кога бројот на полен е од 20 до 100 зрна на кубен метар, други може да поднесат многу поголема концентрација. Секое тело е различно, па затоа е корисно да се знае кое ниво на полен е најверојатно дека ќе предизвика проблеми. Еден од начините е да се одреди тој степен е да се обрне внимание на концентрацијата на полен и да се следи кога почнуваат да се јавуваат симптомите. Така ќе имаме подобра претстава за тоа кога можеме безбедно да трчаме на отворено.
Додека трчате вдишувате повеќе алергени
„Трчањето ја зголемува брзината на дишењето, поради што поголема е веројатноста дека ќе вдишите повеќе алергени“, објаснува д-р Виџеј Џотвани, лекар по спортска медицина од примарна здравствена заштита во „Хјустон методист“. Тоа значи дека нема тешко да дишете само поради напорот, туку и поради вообичаените симптоми на сезонски алергии, како што се затнат нос, течење на носот, гребење во грлото и иритација на очите. Во основа, ќе ве мачи сето она поради кое сте се заколнале дека веќе нема да излегувате надвор. Лекарите советуваат дека не треба да се откажеме поради сето ова. Напротив, треба да се подготвиме и да знаеме во што се впуштаме.
Проверка на концентрација на полен на локално ниво
Прво, ако сезонските алергии се толку лоши што влијаат врз трчањето, можеби треба да се тестирате кај алерголог за да знаете на што точно сте алергични. Д-р Стенли Фајнмен, портпарол на Американскиот колеџ за алергија, астма и имунологија, советува дека е најдобро да се открие што ја предизвикува алергијата и што ја влошува, за да се знае во иднина како да се избегне сето тоа. Кога ќе се расчисти со тој дел, можно е да се проверува концентрацијата на полен на локално ниво. Според колеџот, концентрациите се највисоки обично од 5 до 10 часот наутро. Чекањето до попладне и навечер, според советите на алерголозите, може да биде од голема помош.
Доза антихистаминици пред трчање
Може да се преземат и превентивни мерки пред да се излезе надвор. Ако симптомите не се толку сериозни, земањето орални антихистаминици, најмалку 1 до 2 часа пред трчање, може да биде доволно добра стратегија. Може да се земаат и назални стероидни спрејови или дополнителни лекови на рецепт за трчањето да биде поподносливо. Доколку ве чешаат очите, има и антихистамински капки за очи, кои може да се набават без рецепт и да бидат големо олеснување при трчањето. Треба да се стават околу еден час пред да се излезе.

Заштита на дишните патишта
„Препорачувам носење капа со обод и очила за сонце за да се избегне навлегување на полен во очите, бидејќи тоа е многу чувствително подрачје“, советува д-р Фајнмен, а освен тоа, вели дека носењето маски за лице или марами преку носот и устата може да го ограничи влегувањето на поленот во дишните патишта. Памучните маски се подобри од оние од полиестер. Освен физичка заштита на лицето, сега постојат и мини уреди кои го прочистуваат воздухот во близина на лицето и на тој начин ја намалуваат концентрацијата на алергени кои би можеле да стигнат до респираторниот систем. Лекарите советуваат и намалување на интензитетот и темпото на трчање, бидејќи колку потешко дишеме, толку повеќе алергени вдишуваме, па ако концентрацијата на полен е превисока, можеби е најдобро трчање во интервали, и тоа во сала.
Користете инхалатор пред трчањето
Речиси 60 отсто од луѓето на кои им е дијагностицирана астма страдаат од алергиска астма. Тоа значи дека астмата е предизвикана од алергени, но предизвикува исти симптоми како и неалергиската астма, што вклучува отежнато дишење. Во случај на алергиска астма која лекарот ја дијагностицира преку кожни или крвни тестови, потребно е да се користи инхалатор околу 15 минути пред излегување на трчање. Инхалаторот добро е да го имате со себе додека трчате, само во случај да ви затреба.
Задолжителен ритуал по трчањето
Она што го правиме по трчањето е еднакво важно колку и начинот на кој се штитиме во текот на самата активност. Алерголозите препорачуваат штом ќе влезете дома, веднаш да ја соблечете облеката за трчање и да се истуширате. „Поленот може да се залепи за нашата кожа и облека, а пресоблекувањето и туширањето ќе го намалат резидуалното и континуирано изложување на алергените. Тоа не значи дека сте го решиле проблемот, бидејќи кога еднаш се покренува имунолошкиот одговор на телото, може да помине некое време додека симптомите не се изгубат“, потсетува д-р Џотвани, па во ред е некогаш и да се прескокне трчањето на отворено.
Кога е најдобро време за трчање во сезона на алергии
„Топлиот воздух обично предизвикува пораст на концентрацијата на полен, додека ветровитите денови побрзо го разнесуваат поленот околу себе. А во текот на алергиската сезона ќе посакате да избегнувате трчање кога сте преморени или болни. Прекумерно оптоварениот имунолошки систем може да ве направи дури и чувствителни на алергени кои можеби дотогаш не ви пречеле – вели д-р Дејвид Ерстејн, имунолог и алерголог. Тој потсетува дека одлично време за трчање е веднаш по дождлива бура, бидејќи добриот „туш“ од дожд може со денови да ја одржува ниска концентрацијата со полен. Студиите покажуваат дека ветрот може да го носи поленот на прилично голема оддалеченост, па така, на пример, едно истражување открило дека поленот од амброзија може да се најде и на стотици километри од својот извор.