Да, јас сум мајка на преубаво „разгалено“ момче кое често на јавни места се однесува „недолично“: се прпелка по подот, вреска, фрла работи околу себе, ме удира и ми ја корне косата, ме гризе.
Секогаш на тие „непосакувани сцени“ имаме публика која ни посветува големо внимание, сите очи се ѕверат во нас. Зад тие осудувачки погледи многу често слушам коментари како гласно да ми шепотат на уво: „Гледај колку ѝ е невоспитано детето“, „Погледни го детиштево“, „Боже, чувај ме од вакво дете“ и слично. Во такви ситуации останувам смирена, понекогаш го игнорирам нивното однесување, не ме фаќа хистерија, не паничам, а во очите на собраната толпа станувам „безобѕирна и бесчувствителна мајка“.
Ме болат вџашените погледи на неупатената околина која мојот син го смета за разгален и неподнослив, а тој е сè само не тоа. Мојот син има аутизам.
Нашата публика не го гледа тоа. Многу често го премолчувам тоа бидејќи ако го кажам зборот аутизам, публиката ќе се разбега како да сум се заканувала: „Имам темпирана бомба!“
Мојот син не зборува. Не е во состојба да ги изрази своите желби и потреби на начин како што прават другите деца, но тоа не значи дека ги нема. Можеби е фрустриран бидејќи му е жешко, жеден е или се плаши од нешто. Тоа ни сама никогаш не го знам. Тој е дете како и сите други деца, но неговиот начин на комуникација се разликува.
Има потреба да си игра со други деца, во нивно друштво го прави истото што го прават и тие, иако во тие работи не е вешт како другите, но затоа во многу други работи е многу подобар од нив.
Тој не е болен, ниту помалку вреден од нив, тој само е „поинаков“, а да се биде поинаков не значи ништо друго освен – дека сте поинаков.
Постои голема убавина во различностите и токму тоа нè прави посебни.
Мојот син не се разбира во скапи играчки, не му значи ништо ако сакате да му подарите нешто што чини цело богатство или едно мало автомобилче, бидејќи тој ги цени работите според сопствената убавина, а не според пазарната вредност.
Најискрено е она дете кое некогаш ќе го сретнете, а не ги разбира скриените намери, па ќе ве прегрне со најтопла прегратка дури и воопшто да не ве познава.
Тој знае со часови да гледа низ прозорецот. Со часови може да им се восхитува на крошните што се нишаат на ветрот, да ги набљудува облаците, птиците, ракетите, авионите, многу преубави детали кои многумина од нас одамна не се во состојба ни да ги забележат.
Се смее кога почнува да врне дожд, сака да лежи на тревата: не се плаши од мравките, пајаците и другите инсекти, туку со задоволство ги држи во раката бидејќи не знае што е страв. Така слободно може да ужива во тоа.
Го забележува секое животно во своето опкружување, му приоѓа на секое куче или коњ и со нив остварува некаков неопислив контакт кој ни јас не можам да го доловам. Таа врвка не можат да ја објаснат ни најголемите умови на денешницата, но таа постои и јас често сведочам на тоа чудо.
Тој е едно совршено битие, лесно остварува комуникација со природата и со сите живи битија околу себе иако не го поседува она што луѓето го сметаат за основно средство за комуникација – ГОВОРОТ.
Го сакам својот син безусловно токму таков каков што е, само што моето мајчинство е многу потешко од вашето и јас имам стравови за кои многу мајки не ни сонуваат дека постојат.
Нашиот пат е тежок, полн со трње, камења и плевел, но сепак најмногу со – човечка глупавост.
Секој ден се борам со незнаењето, предрасудите и погледите што осудуваат.
Затоа ги молам сите што следниот пат ќе видат мајка со дете кое се прпелка на улица: не осудувајте, туку гледајте подлабоко. Не е сè така како што ви се чини!
Можеби токму таа „бесчувствителна“ мајка секој ден води битки за кои вие не ни сонувате. Насмевнете ѝ се, понудете ѝ помош или едноставно продолжете понатаму со зборовите: „Сите деца прават така“.
Автор: Азра Љаиќ Пеказ, мајка на аутистично момче