Воспитување

Тоа што се обидувате да поправите сè е причината што не наоѓате заеднички јазик со вашиот тинејџер

„Ти мене воопшто не ме слушаш!“ – сигурно сте слушнале како тинејџер ги кажува овие зборови. Типична фраза која е придружена со чувство на фрустрација и гнев кај тинејџерите, а која предизвикува чувство на вина кај родителите.

Кога сте родител на тинејџер, многу е веројатно дека на моменти ќе се чувствувате како сè што правите да е погрешно. Дека сè што кажувате е погрешно. Еве една едноставна вистина: Тинејџерите, во најголем дел, сакаат да ги споделат своите чувства и она што им се случува без вие да реагирате. Од друга страна, на родителите им е многу тешко да се воздржат од тешење, давање совети и обиди некако да ја решат ситуацијата.

Да, знаеме дека вашите намери се добри, но тоа не е она што му треба на вашиот тинејџер.

И токму затоа е многу важно родителите да ја научат разликата помеѓу сослушувањето на нивните тинејџери и обичното слушање. Слушањето на зборовите што некој ги кажува не е исто како навистина да го сослушате. Кога на тинејџерите ќе им ја дадете потребната доза на независност која е соодветна за нивниот развој и ќе им покажете дека имате доверба во нивната способност да ги решаваат проблемите, тогаш работите почнуваат да се менуваат.

5 ефективни фрази за комуникација со тинејџери

„Како можам најдобро да ти помогнам?“

Кога ќе го прашаме нашиот тинејџер кој е најдобриот начин да го поддржиме, ние испраќаме порака дека тој ја контролира ситуацијата и дека сте подготвени да соработувате.

„Тука сум за тебе“

Дајте им простор да ги обработат своите чувства. Не е тајна дека тинејџерите имаат многу силни чувства. Од нив се очекува дека можат да ги контролираат бидејќи се речиси возрасни. Но, нивниот мозок сè уште се развива и вештините што ги бараме од нив едноставно не им се „достапни“ во моментите кога се ранливи.

Од друга страна, да му кажувате на вознемирениот тинејџер работи како „смири се“ или „земи длабок здив“ нема да направат многу добро во ситуацијата. Затоа што ако се обидете да го натерате вашиот тинејџер да ги затвори своите емоции во себе, му кажувате дека она што го чувствува не е особено големо или важно. Не мора да се согласувате со неговите емоции или реакции. Целта е само да му покажете дека сте тука за него. И понекогаш тишината е најдобриот начин.

„Што мислиш ти за тоа?“

Само затоа што сте биле во слична ситуација и верувате дека вашето искуство може да му помогне на вашето дете, не мора да значи дека ќе биде така. Родителите сакаат да ги споделат своите искуства затоа што им мислат добро на своите деца, но тинејџерите на ова гледаат како на обид да им одржат уште една лекција, со што доаѓа уште една позната тинејџерска фраза: „Ова не е исто и нема никаква врска со вас!“

Да, тинејџерите можат да бидат егоцентрични, а развојно е сосема нормално да бидат фокусирани на себе и да имаат тешкотии да сочувствуваат со другите. Адолесцентите ретко се прашани што сакаат, па кога возрасните го поставуваат ова прашање, тоа им дава можност да размислуваат за преземањето одговорност и развивање вештини за решавање проблеми.

„Не сум сигурен што е најдоброто нешто што можам да ти го кажам“

Американскиот професор Брене Браун најдобро го објаснил тоа: „Ретко одговорот поправа нешто. Она што тие дефинитивно го сакаат е чувството на поврзаност“. Како родители, имаме силна потреба да ги најдеме вистинските зборови и да ја кажеме вистинската работа, како совршените зборови да можат да отстранат нешто лошо што им се случило на нашите деца. Кога ќе кажете отворено дека не сте сигурни што е најдоброто нешто што можете да му го кажете на вашето дете во тој момент, тоа од ваша страна покажува автентичност, подготвеност да признаете дека не може секогаш да го имате соодветниот одговор.

„Можам да замислам какво е чувството…“

„Ете, затоа ништо не ви кажувам!“ – е уште една тинејџерска фраза. Тие толку брзо ни кажуваат дека нешто не правиме добро, но ретко добиваме конкретни повратни информации за тоа како треба да постапиме поинаку. Кога ќе кажете: „Можам само да замислам како се чувствуваш“, вие всушност ја потврдувате перспективата од која вашето дете ја гледа ситуацијата. А тоа само по себе ја намалува шансата детето да изговори некоја од неговите познати фрази.

Значи, во основа, не е навистина важно која од овие реченици ќе ја кажете, па дури и дали ќе кажете некоја од нив. Важно е да не почувствувате потреба да поправите сè веднаш, или да му објасните на вашиот тинејџер дека тоа што му се случува не е толку големо како што изгледа.

Да, големо е. Колку и да му се причинува. Признајте му го тоа и само бидете тука за вашето дете.

Извор

Поврзани написи

To top