Здравје

Ова е „најстарото бебе“ на светот: Тадеус е роден од ембрион замрзнат пред повеќе од три децении

Пред неколку дена се појави вест за момче кое го сруши Гинисовиот рекорд бидејќи е родено во 21. недела од бременоста, што го прави, така да се каже, „најмладото бебе“ некогаш родено. Сега има малку поинаква, всушност, сосема спротивна приказна. Родено е најстарото бебе на светот.

Како е можно и што значи тоа?

Тадеус Даниел Пирс е роден на 26 јули и е дете на Линдзи и Тим Пирс од Охајо, откако го посвоиле неговиот ембрион минатата година. Бидејќи ембрионот бил замрзнат уште во 1994 година, пред неговите родители да тргнат во основно училиште, може да се каже дека тој е најстарото бебе на светот.

-Не влеговме во ова мислејќи дека ќе срушиме никакви рекорди. Само сакавме да имаме бебе – изјавила мајката.

Интересно е тоа што ова момче има 30-годишна сестра, а еве како дошло до овој пресврт на настаните. Во разговор за „МИТ технолоџи ревју“, кој прв ја објави приказната, мајката објаснила како ембрионот на Тадеус првично бил создаден за време на третманот со ин витро фертилизација во 90-тите години за Линда Арчерд и нејзиниот тогашен сопруг, кои се бореле да зачнат. Процесот резултирал со создавање четири ембриони. Од еден од ембрионите Арчерд родила ќерка, која сега има 30 години, а и самата е мајка на 10-годишна ќерка. Другите три ембриони биле замрзнати.

-Отсекогаш очајно сакав уште едно бебе. Ги нарекував мои три мали надежи – рекла Арчерд, која сега има 62 години.

Откако се развела од својот сопруг, на Арчерд ѝ било доделено старателство над ембрионите. Години подоцна, таа дознала за опцијата за „посвојување ембриони“, форма на донација што обично ја организираат христијанските агенции во Соединетите Држави, и се согласила да ги даде на семејства за „посвојување“. Овие ембриони влегле во програмата за „тешко сместени“ ембриони, најчесто затоа што биле замрзнати долго време или се сметало дека веројатно нема да имаат позитивен исход.

Според некои процени, милиони – а можеби и десетици милиони – ембриони се складираат во замрзнувачи низ целиот свет, како резултат на вишокот третмани со ин витро фертилизација при кои се отстрануваат многу повеќе ембриони отколку што може да се имплантираат.

Тим и Линдзи Пирс се обидувале да добијат бебе седум години пред да се пријават за програмата. Претходниот рекорд за најстаро бебе го држеа близнаци родени во Орегон во 2022 година, кои беа создадени од ембриони замрзнати 30 години претходно.

-Раѓањето беше тешко, но двајцата сме добро. Тој е толку опуштен. Воодушевени сме што го имаме ова скапоцено бебе – рекла Линдзи.

Арчерд рекла дека искуството било навистина трогателно.

-Беше прилично надреално. Тешко е дури и да се поверува.

Патем, во клиниката за плодност каде што ја извршиле имплантацијата се работи на намалување на бројот на ембриони што се складираат, а сето тоа го води д-р Џон Гордон, репродуктивен ендокринолог.

-Имаме одредени водечки принципи, а тие доаѓаат од нашата вера. Секој ембрион заслужува шанса за живот, а единствениот ембрион што не може да резултира со здраво бебе е ембрион на кој не му е дадена шанса да се пренесе во пациент – рекол Гордон.

Првото успешно раѓање преку ин витро оплодување – бебе од епрувета, како што тогаш се нарекуваше – се случи во 1978 година, кога Луиз Браун се роди во Велика Британија, што претставуваше пробив во репродуктивната медицина. Денес не можеме да замислиме свет без оваа постапка…

Автор: Наташа Крстичевиќ

Извор

Поврзани написи

To top