Воспитување

Тинејџерите се во криза – еве како можат да помогнат родителите

Според новиот извештај објавен од Центрите за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), тинејџерите во САД доживуваат рекордно ниво на тага, насилство и траума. Менталното здравје продолжи да се влошува во текот на изминатата деценија за сите средношколци, но ситуацијата се чини дека е најмрачна за тинејџерките и оние што се идентификуваат како ЛГБТК+.

Речиси 3 од 5 тинејџерки во САД се чувствувале постојано тажно или безнадежно во 2021 година – стапка двојно поголема од онаа на машките тинејџери и 60% повисока од нивото забележано пред една деценија. Речиси 25% од тинејџерките направиле план за самоубиство во 2021 година. Меѓу младите кои се идентификувале како дел од ЛГБТК+ заедницата, близу 70% доживеале чувство на постојана тага, а речиси 25% се обиделе да се самоубијат во изминатата година. Бројот на тинејџерките што доживеале сексуално насилство, исто така, се зголемил за 20% помеѓу 2017 и 2021 година.

Наодите доаѓаат од Истражувањето за ризично однесување на младите на ЦДЦ, кое ги анализирало податоците од анкетата која траела 10 години на средношколци низ целата земја, разгледувајќи ги факторите поврзани со здравјето и благосостојбата на тинејџерите, вклучувајќи сексуално однесување, употреба на супстанции, самоубиствени мисли и однесувања, искуства од насилство, како и заштитни фактори, како што се поврзаноста на училиштето и позитивните родителски односи. И додека некои од наодите биле позитивни, како што се пониски стапки на употреба на дрога, ризично сексуално однесување и малтретирање во училиштата во изминатата деценија, истражувањето покажало дека стапките на лошо ментално здравје кај тинејџерите се во нагорна линија од 2011 година – но скокнале за 10% повисоко помеѓу 2019 и 2021 година, веројатно влошените податоци се поради изолацијата поврзана со пандемијата, значаен ризик-фактор за депресија.

„Ова се податоци што го покажуваат она што го знаеме анегдотски во последните неколку години“, вели Лори Мекгари Клос, поранешен претседател на Националното здружение на училишни психолози во САД.

Веста е неверојатно загрижувачка и се чини дека го кристализира прашањето на кое укажуваат различни предупредувачки знаци во блиското минато. Посетите на итни случаи поврзани со менталното здравје меѓу тинејџерите се зголемени. Нарушувањата во исхраната се во пораст. Американската академија за педијатрија (ААП) прогласила вонредна состојба за менталното здравје кај децата и адолесцентите и почнала да се залага за скрининг за депресија и ризик од самоубиство кај сите деца на возраст од 12 и повеќе години.

Но, податоците покажуваат дека трендот кон влошување на менталното здравје на тинејџерите бил присутен цело време. „Имаше ментална здравствена криза пред пандемијата – едноставно не го привлече вниманието на сите како што го привлекува сега“, вели д-р Кори Грин, директор за едукација за здравје во однесувањето и интеграција во педијатријата во „Weill Cornell Medicine“ во Њујорк.

Како родител, сето ова може да биде тешко да се сфати. Дали ни фалат знаците? Да се забележи депресија кај тинејџерите може да биде тешко бидејќи депресијата не секогаш се појавува како што може да се појави кај возрасните. Исто така, може да биде незгодно да знаете кога да се вклучите ако вашиот тинејџер не бара помош – или изгледа добро и стабилно однадвор. Но, затоа постојаното проверување може да биде многу важно. Еве неколку конкретни начини да им помогнете на тинејџерите во вашиот живот.

Слушајте добро

Тинејџерите често се водени од нивната потреба за автономија, забележува психологот Лиза Дамур, чија последна книга е „Емоционалните животи на тинејџерите“. Тактиката што таа ја користи во својот дом за да помогне во потврдувањето на чувствата на нејзиниот тинејџер е во суштина игра со улоги дека вие, родителот, сте уредник, а вашиот тинејџер е известувач. Еве како тоа функционира: Однесувајте се како вашиот тинејџер да ви ја чита најновата статија кога ви кажува за проблем што го има. „Мојата работа е да слушам толку внимателно, што кога ќе дојде до крајот на текстот, можам да изработам наслов – насловот е дестилиран, прецизен преглед на она што го кажал. Тоа им покажува на тинејџерите дека слушате и ги потврдува нивните чувства“, вели Дамур.

Бидете љубопитни за нивните чувства и емоции

Исто како и во детските денови, набљудувањето на чувствата на вашиот тинејџер со љубопитност, наместо со осудување, може да му помогне да се чувствува поудобно да ги изрази своите мисли и емоции наместо да ги потиснува. Вие не мора да ги имате сите одговори – само да бидете рампа за слетување и безбеден простор за нив со покажување емпатија и љубопитност за нивните искуства, така можете да му помогнете на вашиот тинејџер да се чувствува поудобно да зборува за она низ што минува. Може да кажете нешто како: „Жал ми е што се чувствуваш толку фрустрирано, можеш ли да ми кажеш што се случи?“ или „Се чини дека имаш навистина тежок ден“, што не само што ги признава неговите емоции, туку создава и можност да ги обработи своите чувства.

Помогнете им да најдат некој со кого ќе можат да разговараат

Ако вашиот тинејџер има проблем да се справи со нешто или постојано е тажен, преоптоварен или безнадежен, кажете му дека сте тука за да му помогнете да најде дополнителна поддршка и ресурси за менталното здравје. Може да кажете: „Се справуваш со многу работи и заслужуваш да се чувствуваш подобро. Ајде да најдеме некој што би можел да ни помогне да се бориме со ова“. Потоа, контактирајте со педијатарот на вашето дете за препораки за советник за ментално здравје.

Охрабрете ги тинејџерите да учествуваат во училишните активности

Бидејќи повеќето тинејџери поминуваат голем дел од своето време на училиште, извештајот на ЦДЦ наведува дека чувството на блискост со врсниците и наставниците на училиште и учеството во училишните активности може да направи длабока разлика во нивните животи. Поттикнувањето на „училишната поврзаност“ помагајќи им да се чувствуваат вклучени и дел од заедницата – на лично ниво, не само на академско ниво – може да има позитивно влијание врз менталното здравје во тинејџерските години, но ова влијание се пренесува и во зрелоста.

Следете ги што прават

Она што е познато како „родителско следење“, дефинирано како родители или други возрасни лица во семејството кои знаат каде се движи нивниот средношколец – и со кого се дружи – може да биде особено заштитничка активност кога станува збор за здравјето и благосостојбата на тинејџерите, покажал извештајот на ЦДЦ.

Истражувањата покажуваат дека високото родителско следење е поврзано со намален сексуален ризик, употреба на супстанции, искуства на насилство и самоубиствени мисли и однесувања. Но, клучно е овој тип на следење да не изгледа наметлив или да се меша во нивната независност. Тоа е помалку за контрола, а повеќе за информирање за она што го прават тинејџерите. Редовно проверувајте со вашиот тинејџер за неговите планови по часовите или за викенд. Знаејќи дека внимавате на него, вашиот тинејџер може да донесе побезбедни одлуки со избегнување потенцијално ризично однесување.

Обрнете големо внимание на знаците на депресија и ризикот од самоубиство

„Депресијата е нарушување на расположението што може да предизвика децата (и возрасните) да се чувствуваат тажно, раздразливо или безнадежно“, пишува Пул. Таа забележува дека ако можете да одговорите со „да“ на повеќе од две од овие прашања подолу и симптомите на вашиот тинејџер опстојувале повеќето денови во неделата, во период од најмалку 2 недели, тогаш веројатно е дека тој се бори со депресија што може да бара професионално мислење.

Дали се тажни или раздразливи поголемиот дел од денот?
Дали изгубиле интерес за работи во кои порано навистина уживале? Има ли значително намалување на енергијата и недостиг на мотивација да се направи што било?
Дали нивните навики за јадење или спиење се сменија?
Дали се чувствуваат безвредни, безнадежни за својата иднина или виновни за работи што не се нивна вина?
Дали имале мисли за самоубиство?

Ако сте загрижени за менталното здравје на вашиот тинејџер, контактирајте со нивниот педијатар или матичен лекар, кој може да помогне да се препорачаат следните најдобри чекори.

Автор: Џесика Д’Арџенио Валас

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top