13-годишните Немања и Михајло уживаат во сите спортови и авантури што ги прават заедно со родителите, а периодов вежбаат во домашни услови, играат друштвени игри или на компјутер
Планинарење, пливање, рафтинг, качување по карпи, посета на пештери и многу други спортски активности се редовна викенд-шема на семејството Цветковиќ од Куманово. Драган и Анита заедно со своите синови, 13-годишните близнаци Немања и Михајло, ја сакаат авантурата во секаков облик. Седмоодделенците во ОУ „Кочо Рацин“ во Куманово периодов се дома со своите родители, играат друштвени игри, вежбаат во домашни услови…
Нивната мајка Анита вели дека сега поминуваат повеќе време пред компјутер, учат за училиште и се полни со енергија што немаат како да ја потрошат.
– И сега излегуваме во природа, но надвор од градските средини бидејќи чистиот воздух и сонцето го подобруваат имунитетот и внимаваме да не се мешаме со други луѓе. Кога се дома, постојано имаат занимација и не се многу нервозни – вели Анита.
Немања и Михајло: Не се плашиме
Драган и Анита се заедно од 2002 година, а велат дека од мали се растени со спорт. Анита е и професор по физичко образование, а и тренер по пливање. Таа ги тренира и своите деца.
Забавата сега е дома: Михајло прави склекови
Со децата поинтензивно спортуваат во последните четири години, откако пораснале доволно за да ги совладаат предизвиците што се пред нив. И Немања и Михајло се одушевени од секоја нова авантура, не се плашат, но се спремни и желни за повеќе од тоа што им го овозможуваат родителите, споделуваат тие.
Ретки се таквите примери на семејства кај нас што обрнуваат толкаво внимание на спортот. Ни се наметна прашањето како луѓето наоколу реагираат на нив.
Немања Цветковиќ
– Околината обично дава позитивни коментари и луѓето ни се одушевуваат, со исклучок на најблиските, кои се плашат за нашата сигурност и безбедност – вели Драган.
Рафтинг на Тара, Црна Гора
Омилени спортови на Анита ѝ се: трчање, краткотрајни вежби со висок интензитет, планинарење, пливање, возење велосипед.
Што им е интересно на децата? И на Немања и на Михајло омилени активности им се планинарењето, кањонингот, качувањето по карпи, посетите на пештери. И двајцата категорично велат дека не се исплашиле никогаш од некој нов предизвик.
Љубопитни бевме да дознаеме дали постои ривалство помеѓу двете деца кога станува збор за постигнувањата во овие спортски активности.
Семејството Цветковиќ на качување карпи во Црна Гора
– Тие секогаш се натпреваруваат меѓу себе бидејќи се многу темпераментни и полни со енергија, но ние се обидуваме да ја насочиме таа енергија во позитивна насока, да не се доживуваат како ривали, туку да си помагаат еден со друг – објаснува мајка им Анита.
Внимателно влегуваме во авантура
И на училиште најмногу го сакаат предметот физичко образование. Кога се занимавате со авантуристички спортови, нормално е некогаш да се случуваат и непријатни ситуации.
– Кога бевме на планинарење во Овчарско-кабларската Клисура во Србија, моравме да поминеме преку еден стар руиниран дрвен мост, а постојано паѓаше дожд и се лизгаше. Реката Велика Морава беше надојдена и требаше необезбедени да поминеме преку мостот. Кога се најдовме на другата страна, му бевме благодарни на Господ што сѐ помина како што треба – објаснува Драган. Тој вели дека се трудат да ги преземат сите можни мерки на претпазливост пред да тргнат на авантура.
Анита заедно со Немања на кањонот Матка
И кампувањето им е омилена активност. По два-три пати годишно се кампери, во зависност од слободното време и временските услови.
– За оваа година имаме планирано јавање коњи и качување по карпи во Маврово, планинска авантуристичка трка со препреки во Јелашничка Клисура, кањонинг во Шкурде и Виа ферата во Котор. Црна Гора ни е омилена земја за посета. Има преубаво море, планини и кањони. Нема подобро место за авантуристички туризам – вели Анита.
Пештера во Бислимската Клисура кај Пчиња
Семејството Цветковиќ се труди да внимава и на храната.
– Претежно се храниме со свежа растителна храна: овошје, зеленчук, житарици и јаткасти плодови и семиња. Во тој контекст формиравме здружение кое ќе се занимава со промоција на здрав начин на живот во поглед на исхраната и физичката активност, особено во природата – вели Анита и додава дека заедничките активности многу им помагаат за да бидат што поблиски меѓу себе, особено затоа што живееме во време на технологии кои многу ги разделуваат луѓето од вистински контакт.
На кањонинг во Невидио, Црна Гора
На Титов Врв, на 2.747 н.в.
Прво и второ место за Немања и Михајло на Меѓународниот натпревар за спортови на отворено во Демир Капија
912