Сезоната на тиквите почнува во есен, а завршува пред крајот на зимата кога сè уште може да се најде на тезгите на пазар и во супермаркетите. Постојат различни видови тикви.

Најпознати се мускатна тиква и хокаидо тиква. Мускатната тиква е издолжена „со стомак“, а во формата потсетува на тамбура. Хокаидо тиквата е портокалова тиква во форма на топка, со црвена кора и тврдо ткиво што по вкус потсетува на костен.

Нутритивната вредност на тиквата е исклучително висока бидејќи месото од тиквата содржи различни вредни и лековити состојки. Покрај пониските количини на протеин, јаглехидрати и масти, содржи и различни витамини од групата Б (Б1, Б2, Б3, Б6), па ниацин, фолна киселина и други. Од минералните состојки во тиквата се наоѓаат: калиум, фосфор, калциум и железо. Исто така, содржи олиго и микроелементи, петкин, целулоза и други растителни влакна, а сето тоа ја потврдува нејзината важна улога во правилниот раст и развој на бебињата.

Тиквата во исхраната кај бебињата се воведува околу петтиот или шестиот месец. Тиквата може да се користи и во солените и во слатките каши, за ручек или за ужина, а и за појадок.

На секое јадење му дава одредена количина сладост и го прави похранливо. Со оглед на нејзината боја, според мултимикс принципот, најдобро е да се комбинира со зеленчук со различна боја (компир, блитва…) и со разни видови месо што му се даваат на бебето. Должината на приготвување не зависи само од типот на тиквата, туку и од големината на парчињата на кои тиквата е исечена пред готвењето. Се разбира, поголемите парчиња може да се готват околу 20 минути, додека коцките од тиква се готват за нецели 5 минути.

Рецепти за користење тиква во исхраната на бебето:

1. Ужина на почетокот на воведувањето цврста храна

Во малку вода сварете исечкано јаболко и малку тиква. Кога е при крај, додајте малку пченкарен гриз и варете 5 минути. Измешајте и изблендирајте за да добиете богата ужина.

2. Тиква печена во рерна

Испечете една мускатна тиква, исечена на парчиња. Месото од испечената тиква издвојте го од кората во чинија, додајте малку вода и изблендирајте го или изгмечете го со виљушка.

3. Ручек при воведување месо

Во малку вода сварете батак, половина црвена тиква, кромид и компир. Кога ќе биде готово, месото исечкајте го со нож, а зеленчукот изгмечете го со виљушка. Густината регулирајте ја со течноста во која се вареше храната.

4. Појадок при воведување млечни производи

Во малку вода сварете три лажички просо и половина круг тиква. Кога ќе биде готово, додајте лажичка павлака или малку јогурт за регулирање на густината.

5. Ручек со карфиол

Сварете компир, црвена тиква и малку карфиол. Кога сите ќе станат меки, изгмечете ги со виљушката и додајте лажичка полномасна павлака.

6. Ручек на почетокот на воведувањето жолчка

Во малку вода сварете ситно сечкан компир и пред крајот додајте малку сечкана мускатна тиква. Кога ќе биде готово, изблендирајте, додајте сечкан магдонос и направете пире од жолчката. Може да се додаде осмина, четвртина или половина жолчка, во зависност од тоа до која фаза сте дојдени при воведувањето жолчка.

7. Ручек кога е сезона на блитва

Сварете тврдо јајце. Во малку вода сварете ориз, околу две лажици. Кога ќе зоврие, додајте една рака исечкани квадратчиња мускатна тиква и варете ја додека не стане мека. На крај додајте два листа блитва и гответе уште 2-3 минути. Во сад ставете ги блитвата, половина ориз и половина од тиквата и во тоа ставете ја тврдо сварената жолчка.

8. Ручек со боранија

Згответе неколку парчиња црвена тиква, а кога водата ќе изврие, додајте една рака замрзната боранија. Пред самиот крај додајте две лажици ориз и гответе додека сè не стане меко. Потоа сè изблендирајте заедно и додајте маслиново масло.

Од книгата „Готвачки дневник на бебето Марта“, прирачник за воведување цврста храна кај бебињата.



912

X