Во неврози може да спаѓаат и нагла промена на телесната тежина, повраќање, цицање на палецот, гризење на усните или други делови на телото, триење на кожата, претерано трепкање…

Погрешното воспитување може да предизвика неврози кај детето. Тие се психогени промени на неговата личност и се манифестираат преку промени во однесувањето и емоционалната состојба, на пример: мочкање во кревет, пелтечење, опсесивно миење на рацете или други делови на телото, треперење на рацете или нозете, тикови на лицето, нагла промена на телесната тежина, повраќање, цицање на палецот, гризење на усните или други делови на телото, вртење или кубење на косата, триење на кожата, гризење на ноктите, претерано трепкање итн.

Тие се ненадејни, повторувачки и вознемирувачки реакции кои може да бидат манифестирани како ненамерни моторни движења слични на конвулзии на ист мускул или на група мускули или повторувачки вокални симптоми. Важно е дека движењата и вокализациите се начин на ослободување од одредена внатрешна емоционална напнатост. Таа напнатост е поврзана со некој стресен или психотрауматски настан или ситуации водени од погрешен воспитен стил на родителите.

Во тој контекст би ги споменала следниве:

1.Неусогласеност на родителските барања и можностите и потребите на детето.

Тоа значи премногу барања, обврски, задачи кои детето има проблем да ги исполни бидејќи ги надминуваат неговите капацитети и способности.

2. Непризнавање на индивидуалноста и емоционално неприфаќање на детето.

Особено ако ваквото непризнавање се изразува со раздразлив и нестрплив однос, чести прекорувања и замерки, закани или телесно казнување, како и отсуство на неопходното внимание и нежност кон детето.

3. Различен став во воспитувањето на двата родители или останатите членови на семејството (баби и дедовци).

На пример, ако двајцата родители имаат контрастен начин на воспитување, едниот дава строги забрани и ограничувања, а другиот е препопустлив.

4. Недоследност во воспитувањето, невоедначеност и противречност кај двајцата родители, што значи во иста ситуација еднаш се реагира на еден, а другиот пат на друг начин.

5. Нестабилност во комуникацијата со детето, која е придружена со висок тон, викање и општа емоционална неусогласеност.

6. Бојазливост во воспитувањето која се манифестира преку континуирана и непречена грижа за детето и присуство на непотребни и нереални грижи и стравови за неговото здравје и општата негова состојба, како и преголемо заштитување од социјалната средина и надворешните влијанија.

За да превенираме невротско однесување кај детето, потребно е родителскиот систем да биде: конзистентен, праведен и доследен бидејќи во спротивно најчувствителниот член од семејството ќе сигнализира црвено светло, а тоа најчесто е детето.

Автор: Христина Стефановска, лиценциран психолог



912

X