Елена Ѓорѓевска, лиценциран психолог

Елена Ѓорѓевска, лиценциран психолог

Едукант по семејна и системска психотерапија

Повеќе од авторот

Довербата е најосновниот и најсуштинскиот дел од секоја врска, а здрава врска е и основа за здраво семејство и среќни деца. Па да почнеме од неа

Да му веруваш на партнерот значи дека си сигурен во него, да се чувствуваш безбедно физички и емотивно. Довербата ја градат две лица во врска кога ќе решат да си веруваат еден на друг. За врската да опстане и да трае, најважни се љубовта и довербата. Ако не сте вистински отворени и подготвени за врска, вашите избори веројатно ќе бидат себични и покрај тоа што го сакате партнерот. Да, љубовта може да биде и себична, доколку не е поткрепена со доверба, бидејќи е длабоко лично искуство и емоција.

Стекнатата доверба е заработена, а не дадена, таа е како гума за бришење, станува сè помала со секоја грешка. Довербата е најосновниот и најсуштинскиот дел од секоја врска.

„Ти верувам„ е можеби подобро од „те сакам“ бидејќи не секогаш му веруваме на оној што го сакаме, но секогаш го сакаме оној на кого му веруваме.

Понекогаш наидуваме на тешкотии да веруваме некому, особено кога искуствата од минатото ни укажуваат дека не треба да им веруваме на партнерите. Но, ако одлучиме да се потпреме на тие податоци, тогаш и така ќе ја градиме недовербата во иднина. Повторно градење врска значи повторно да веруваш, тоа значи дека ѕидовите што сме ги изградиле треба да ги урнеме.

Зошто изгубената доверба не секогаш укажува на неверство?

Кога започнуваме врска, се формира довербата и таа расте од ден на ден. Да зборуваме за тоа дека постојат одредени „резервоари на доверба“. Кога некоја личност сè уште не ја познаваме, нема основа за доверба, а како што се запознаваме, „резервоарите“ почнуваат да се исполнуваат. Мажите и жените, и покрај заедничките особини, се разликуваат во начинот на кој ја градат довербата.

Довербата на жените е емоционално условена. Кога мажот ќе ѝ покаже дека сака да се грижи за неа, да ја заштити, да ја разбере, да ја сака секој ден, тогаш тој ќе ги исполни нејзините резервоари на доверба.

Мажите се повеќе водени од факти, а тоа значи дека тие довербата ја градат тогаш кога жената ќе им покаже дека е благодарна, сигурна, поддржувачка и охрабрувачка за тоа кој е тој како маж.

Ако веќе сте ја изгубиле довербата во партнерот, ако ве разочарал во повеќе ситуации, дали има надеж за вас? Да! Но, не се работи само за надеж, вие мора да работите на тоа. Не би требало да седите и да чекате партнерот да се промени, многу врски завршиле токму од причина што еден од партнерите не обрнува внимание на проблемот. Треба отворено да разговараме со партнерот и да бидеме добри слушатели.

Како недостигот на доверба во бракот влијае врз вашата самодоверба

Честа појава во врските во кои довербата е нарушена помеѓу партнерите е појава на намалување на самодовербата. Многу луѓе стануваат несигурни поради недостиг на безбедност во нивната врска, што е и честа причина за прекин на партнерските врски. Одговорноста не е на партнерот да ја изгради нашата доверба за тоа кои сме ние, треба сами да ги препознаеме и сопствениот потенцијал и тоа кои сме ние.

Мора да престанете да гледате на вашиот брак како на ваш личен идентитет, вие сте своја и независна личност. Љубовта и вербата кон себе е најважна. Не можеме да очекуваме дека кој било друг ќе ни верува и ќе нè сака, ако ние самите не се сакаме себеси.

Најважниот чекор да ја изградите повторно довербата е да простите

Доколку работите на себе, на вашиот личен раст и развој, сите аспекти на вашиот живот ќе се променат на подобро, вклучувајќи ги и вашите врски. Личниот раст и развој не само што ќе ви помогнат да ја промените моменталната ситуација, туку ќе ја промените и перспективата на начинот на кој ги гледате аспектите на животот.

Простувањето е свесна, намерна одлука да се ослободите од чувството на огорченост или одмазда кон некоја личност. Ако чекаме нашите чувства да одлучат да простат, ние не правиме ништо добро за себе, нашето непростување нè повредува повеќе од кој било друг. Простувањето не значи да заборавиме што ни се случило, бидејќи настанатите рани секогаш оставаат лузни, но доколку сакаме да се чувствуваме подобро и да го пронајдеме мирот во умот и душата, тогаш треба и да простиме.

Една од поважните основи за градење доверба помеѓу партнерите е автентично функционирање и автентично искажување на емоциите. Да си автентичен значи дека имаш љубов за себе и веруваш дека тоа што си ти е доволно.

Се сеќавате ли на времето кога се чувствувавте добро во својата кожа? Кога се ви поаѓало од рака? Се сеќавате ли на времето кога сте биле заљубени? Токму така ќе се чувствувате кога ќе се засакате себеси. Дозволете си да растете, да се изградите одново, да бидете повторно спремни да простите, да го сакате вашиот партнер или да верувате на следната убава душа која ќе дозволите да влезе во вашиот живот.



912

X