Воспитување

„Ти си царица која роди дете од љубов и со храброст“: Зборовите на оваа дула треба да ги прочита секоја жена

Како дула која речиси пет години ги придружува трудниците во нивниот пат кон мајчинството, бев сведок на разни чуда и лица на породувањата. Но, постои едно посебно искуство низ кое жените минуваат секој ден, а за кое сакам да зборувам денес. Породување со царски рез. Чувствувам потреба да застанам со сите мајки-кралици и да го споделам она што забележав дека многу често останува некажано.

Всушност, нема ништо царско во царскиот рез.

Верувам дека зборот „царски“ всушност ја крие оваа неправда. Тој создава слика за величественост и леснотија во нашите глави, додека во реалноста сè е сосема поинакво. Царскиот рез не е лесен. Тоа не е „лесниот начин“ иако многумина сè уште го опишуваат така. Кога сте добро подготвени, многу е полесно да прифатите и да поминете низ искуство за кое можеби сте знаеле дека ве чека или некогаш веќе ви се случило, но тоа сепак не го оправдува мислењето дека таквото породување е полесна опција. Како подготовка, темелно ја разгледувам оваа тема со секој од моите клиенти, без исклучок!

Физичкото закрепнување од царски рез бара многу сила и трпение. Секое движење, станување од кревет, кревање на бебето, одење, кашлање – боли и ве потсетува на тежината на искуството низ кое сте поминале за да го донесете вашето чудо на свет. Раната ве стега, телото е исцрпено и лишено од сон, а грижата за бебето често ја надминува вашата сопствена потреба за одмор. Сепак, секој ден ви носи мал напредок и сте еден чекор поблиску до целосно закрепнување.

Сакам да напоменам дека закрепнувањето од царски рез не е само грижа за рана на стомакот што треба да заздрави. Дајте си дозвола да бидете целосно ранливи. Не мора веднаш да бидете „старата јас“, силната верзија од себе што можеби сте ја замислувале. Да се биде мајка не значи игнорирање и занемарување на сопствените потреби – да се биде мајка значи да се препознае дека грижата за себе не е луксуз, туку дел од љубовта што му ја давате на вашето бебе.

Ако тивко ве мачат мисли за тоа зошто вашето тело не можело да го исполни она што сте го планирале, сакам да ви кажам дека вашето тело не потфрлило. Создало нов живот. Дури и кога работите тргнале по друг пат, тоа искуство го донело вашето бебе на свет. Во вашите раце. Разговарајте за тоа што чувствувате. Со партнер, дула, пријател, експерт…

Зборовите имаат неверојатна моќ да ги лекуваат емоциите кога ги кажуваме гласно. Дозволете си да ги прославите тие мали победи наместо да се фокусирате на она што не поминало како што сте замислувале. Царскиот рез не е неуспех, туку чин и показател за љубов и посветеност. Важно е да се запомни дека секое закрепнување бара време. Вие сте царица која се породила од љубов, храбро и со желба за вашето бебе да биде безбедно и здраво. Лузната што ја носите ја раскажува приказната за вашата борба и сила – приказна што е само ваша, единствена и достојна за почит.

Автор: Наташа Златковиќ

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top