Едно ново истражување покажа дека тежината на жената е еден од ризик-факторите за повторен спонтан аборутс.
Спонтаниот абортус е еден од најголемите стравови на секоја трудница. Постојат многу причини поради кои жените не успеваат да ја доносат бременоста докрај, па се случуваат спонтани абортуси, а како што покажа едно ново истражување, една од причините може да биде тежината на трудницата.
Имено, научниците од Универзитетот во Саутемптон, Велика Британија, спровеле систематска анализа на 16 студии, испитувајќи ја врската помеѓу начинот на живот на жената и ризикот од спонтан абортус, кај жени што имале најмалку два спонтани абортуси.
Како што забележале научниците, познато е дека начинот на живот влијае врз спорадичните спонтани абортуси, но колку тој има ефект врз повторливи спонтани абортуси, е помалку познато.
Факторите што придонесуваат за повторливи спонтани абортуси се различни, а некои од нив се хромозомски аномалии, имунолошки и ендокринолошки проблеми, нарушена биосензорна функција на ендометриумот и влијанија на животниот стил. Меѓутоа, во половина од случаите не може да се утврди точната причина за спонтан абортус.
Резултатите од новото истражување ги наведоа научниците да заклучат дека постои врска помеѓу индексот на телесна маса на жената и ризикот од повторливи спонтани абортуси. Жените што се неухранети, т.е. имаат индекс на телесна маса помал од 18,5, како и оние што се со прекумерна тежина (индекс на телесна маса помеѓу 25 и 30) и оние што се дебели (индекс на телесна маса поголем од 30), имаат 20, 21 и 77 отсто поголем ризик за повторен спонтан абортус во споредба со жените со нормален индекс на телесна маса.
Со други зборови, жените што се премногу слаби или со прекумерна тежина имаат поголем ризик од спонтан абортус од жените што имаат „нормална“ тежина.
912