Многу ретко ќе сретнете трудница која не знае кога ѝ е точниот термин за породување. Едно од најчестите прашања што секоја трудница го слуша е: „Кога ви е терминот?“ Иако можеби нема да ви каже, ниту би требало ако не сака, факт е дека постои ден и датум на кој таа е посебно насочена во текот на целата бременост. Веќе во раната бременост трудницата добива датум кога ќе се породи. Повеќето трудници ги завршуваат сите подготовки околу тој датум. Ако бебето не се роди во терминот, стануваме нетрпеливи, а прашањето од околината кога ќе се породиме претставува огромен притисок. Интересно е што повеќе од 80 отсто од бебињата се раѓаат пред или по очекуваниот термин.
Магичниот термин за породување
Откако тестот за бременост ќе биде позитивен, многу веројатно е дека ќе отидете на преглед кај гинеколог. Потоа ви го кажуваат и терминот за породување. Тој се темели според Негеловото правило по кое датумот на породување се смета така што на првиот ден од последната менструација се додаваат 280 дена. Негел во 1812 година ја објавил оваа формула. Оттогаш овој начин се употребува за пресметување на терминот за породување.
Највозбудливиот датум
Потоа следуваат уште многу прегледи за да се следи бременоста. Првите удари на бебето, добивање тежина, промени кои се случуваат во телото кои знаат да бидат збунувачки – сите се следат на основа на предвидениот термин. Кога се приближувате кон терминот, веќе сте во фазата на исчекување. Секоја мајка што родила знае како изгледаат деновите пред породувањето – едвај се движите, нозете ви се отечени, не можете да најдете положба за спиење, а најмногу време поминувате во веце. Кога ќе се приближи крајот, секоја трудница едвај чека конечно да се породи за да се ослободи од трудничките тегоби и да го запознае своето бебе.
Секоја промена што ќе ја забележите ја толкувате како можен знак дека породувањето почнува. Благи контракции, болка во грбот, во долниот дел од стомакот. Дали се тоа мали сигнали за почеток. Со оглед на тоа дека породувањето може да трае со часови, па и денови, сите овие знаци може да се јават и да престанат. Може да бидете фрустрирани и да се прашувате кога ќе се породите.
Терминот е тука
Дојде и тој ден! Денот кој толку сте го чекале и на кој толку сте се радувале. Да, на овој ден вашето бебе би требало да биде родено. Но, помалку познат факт е дека само 3-5 отсто од трудниците раѓаат на предвидениот термин. Повеќето се породуваат две недели пред или по утврдениот термин. Па зошто тогаш воопшто се утврдува терминот врз основа на 40 недели бременост? Зошто не 38-42 како очекуван период? Кога Негел ја објавил својата формула, тргнал од претпоставката дека бременоста трае 10 лунарни месеци или 9 календарски месеци, односно 40 недели. Но, една од мааните на теоријата е дека лунарниот месец всушност трае 29,53 дена. Така 10 лунарни месеци всушност се 295 дена – 15 дена или две недели подолго од 280 дена за колку што ни тврдат дека нормално трае бременоста. Кога би ја оставиле природата да го заврши своето, повеќето мајки што раѓаат првпат би родиле околу 41. недела, додека мајките што претходно раѓале најчесто по 40. недела.
Терминот поминал… што сега?

Бројот на повици и пораки се зголемува, секоја втора личност ве сопира по пат за да ве праша кога ќе се породите. Вашето трпение исто така е при крај. Уште една маана на начинот на одредување на терминот е претпоставката дека сите жени имаат менструален циклус од 28 дена. Некои жени имаат пократки, некои подолги и немаат сите жени овулација точно на 14. ден од циклусот. Нетрпеливоста расте бидејќи на повеќето трудници терминот им е психолошка граница до која сè е ок, а деновите по терминот се поднесуваат потешко иако ситуацијата всушност е многу малку променета.
Што е со индукцијата?
Експертите велат дека е најдобро и за мајката и за бебето породувањето да тргне природно и најдобро е да не се мешаме во природниот тек на породувањето. Секој ден во стомакот на вашето бебе му значи повеќе иако ви се чини дека е подготвено за раѓање. Денес некои гинеколози имаат политика на примена на индукција за породување по 41. недела од бременоста. Пред да се одлучите, секако поразговарајте со својот гинеколог и информирајте се за можните ризици или предности на ваквиот вид породување. Во секој случај, подгответе се за дополнително следење на бременоста по 41. недела бидејќи надминатата бременост лекарот мора да ја следи за породувањето да заврши безбедно.
Доколку гинекологот потврди дека сè е во ред, обидете се да не се грижите и опуштете се. На крајот на краиштата, не е важно дали ќе се породите неколку дена порано или подоцна, сигурно е дека со еднакво воодушевување ќе го дочекате своето бебе, кога и да се одлучи да дојде на свет.
Автор: Весна С.