Како деца, Теодора, Бојан и Андријана го победиле ракот. Тогаш ги споила болеста, а сега, како студенти и излекувани, уште повеќе ги зближила желбата да им помогнат на оние што денес се во слична ситуација – гладни за живот. Да им помогнат и тие да станат херои

Андријана, Бојан и Теодора денес се пример за надеж и сила. Пример како желбата за живот и поддршката од најблиските и лекарите помагаат да се победи непобедливото. Волонтираат во САНО, здружение на родители и пријатели на децата лекувани од рак и нивните семејства, кое отвори Родителската куќа наменета за сместување на родителите чии деца се пациенти и примаат терапија на детска онкологија.
А не така одамна биле дечиња болни од рак. Исплашени, и тие и родителите, со месеци живееле во болница, во исчекување, со измешани чувства. Но биле цврсти, силни, па дури и насмеани. Успеале да победат.

Бојан Ристовски, Теодора Трајковска, Жаклина Спасовска, медицинска сестра на Детска клиника, Ангела Тодоровска и Марија Тасев, основач на САНО

И денес победуваат кога им помагаат на дечињата болни од рак, со кои волонтерски се дружат на Клиниката за детски болести, а родителите во нив гледаат надеж. Сè е поинаку кога пред тие родители стои некој што им е доказ дека има живот и по ракот, дека нема откажување, велат Ангела, Бојан и Теодора.

Како деца ги споила болеста, а сега, како возрасни и излекувани, уште повеќе ги зближила желбата да им помогнат на оние што денес се во слична ситуација – немоќни, а гладни за живот.

Ги споила болеста, ги зближила надежта

Теодора Трајковска е 20-годишна скопјанка, студентка на Медицинскиот факултет. Учи за медицинска сестра. Преживеала канцер пред 10 години.

– Ја победив леукемијата и тоа ми е главната инспирација да им помагам на дечиња болни од рак. Се излекував со хемотерапија и радиотерапија. Сега волонтирам во САНО. Пред да дојдам во здружението бев повлечена, затворена, но сега тука имам стимул да ја раскажам мојата приказна – вели Теодора.

Со САНО организираат и одат на разни конвенции и конференции. Имале конвенција во Струга, дружење во МКЦ во Скопје… често се на Детската клиника, играат со децата, цртаат, пеат, се забавуваат, но и сериозно разговараат со нив и со нивните родители.

Теодора се запознала со Андријана во болница, каде што двете лежеле, живееле заедно, се дружеле. Оттогаш се неразделни во желбата болните деца утре да бидат како нив, победници.

Андријана има 22 години и е студент на Економски факултет. На 12 години имала остеосаркома.

– Остеосаркома е рак на коска на лево колено. Во Македонија ги примав хемотерапиите, а операцијата беше во Шведска. Сега имам биолошка протеза. Траума е преживеаното, па затоа и јас, како и Теодора, бев многу затворена. Ни нудеа психолошка помош на клиниката, но не ја прифатив – вели Андријана.

Децата треба да знаат што се случува

Таа вели дека треба да се зборува за состојбите, за болеста. Да не зборувале нејзините родители тогаш за сè што се случува, немало да дознаат дека постои толку успешна оперативна метода, како таа што ѝ ја направиле. И постојано советува: Родители, не кријте ја состојбата, зборувајте и со децата!

– Луѓето кријат дека децата им се болни. Затоа сме ние толку малку на број. Токму поради тоа што моите родители разговараа со многу луѓе, дознаа дека има оперативна метода која не се работи овде и јас добив најдобар можен исход од целата ситуација. Децата треба да знаат со што се соочуваат. Мислам дека на моите родители им беше најтешко во текот на лекувањето, а мене ми паѓаше најтешко изразот на нивните лица кога требаше да ми кажат што се случува со мене – вели Андријана.

Најдоброто нешто што го направиле нејзините родители е што ѝ ја кажале вистината, а таа го прифатила тоа.

– Јас имам мотивирачка околина, иако како личност сум затворена. Мене одењето на клиника не ми буди негативни спомени. Борбата и желбата за живот се раѓаат. Не знаете колку се борат децата и колкава желба за живот имаат. Се дружат, мирни се, вредни. Тоа се деца што сакаат да живеат – ни раскажа Андријана.

Теодора и Андријана го запознале Бојан во САНО, а сите заедно во организацијата ги споила медицинската сестра Жаклина Спасовска.

Бојан Ристовски има 24 години и студира на ФИНКИ. Пред 12 години му откриле тумор во бутот од левата нога.

– Летото 2007 ми се појави топче на левиот бут. Појдовме во болница и лекарите кажаа дека мора да се направи биопсија, која покажа дека е некој вид тумор. Ме оперираа и девет месеци по операцијата бев на Клиника. До 2013 живеев нормален живот. Тогаш добив повик од Жаклина Спасовска, медицинска сестра на Клиниката, и таа нè однесе на првиот меѓународен камп за деца со малигни болести во Србија. Научив дека има многу деца како што бев јас – раскажува Бојан.

Родителите се важна алка и не смеат да ги лажат децата

Тој вели дека за децата болни од рак е многу важно како ќе се постават родителите.

– Претходно не дека се чувствував различно, но постои траума и кај децата и родителите. Родителите во текот и по болеста се потрауматизирани од децата. Цело време се плашат да не се врати и така исплашени, се случува да ги држат децата во стаклено ѕвоно. „Не смееш“ и „Внимавај што правиш“ се често употребувани реченици или постојано ѕвонат на мобилен – вели Бојан.
Според него, можеби најважни во тој однос се искреноста и надежта.

– Стигмата кај луѓето е голема. Мислат дека е крај на светот и нема понатаму. Има случаи кога до ден-денес некои деца не знаат што преживеале. Ги лажат дека имале тешка настинка – додава тој.

За САНО дознале на Клиниката за детски болести во Скопје. Оттогаш се дел од здружението, посветени на тоа да им помагаат на децата и на нивните родители да го пребродат најтешкото.

– На Клиника ни кажаа дека постои организацијата и за неколку месеци веќе организиравме конференција и овде. Однесовме многу играчки и едукативен материјал за децата, и едно фудбалче, на што особено се израдуваа. Имаат просторија каде што си играат, а имаат и посебна просторија каде што доаѓаат учителки и им предаваат. Кога ќе им кажеме дека меѓу нас има и мајки кои како деца се излекувале од рак, кога ќе видат здрава личност пред себе, сè е поинаку, добиваат надеж – вели Андријана.

Имаш втор живот, живеј го!

– Токму така. Од лицата на родителите се гледа дека се воодушевени, им светат очите. И велат: „Имало крај на ова“ – додаваат Теодора и Бојан и нагласуваат дека освен волонтери, во здружението САНО има и психолог, кој работи со родителите на болните дечиња.

Бојан, Андријана и Теодора и приватно се другари. А тоа другарство сè повеќе се зацврстува додека работат на иста цел. Така заедно со колегите и пријателите од САНО организирале регионална конференција со децата-херои, конференција со ЕМСА Македонија и постојано работат на проекти за помош на децата кои сега се она што некогаш биле тие.

Фото: Борче Поповски



912

X