Здравје

Темно чоколадо за деца? Лекарите предупредуваат да не се консумира во големи количини

Иако често се препорачува како најдобра опција за задоволување на желбата за благо, темното чоколадо можеби не е најдобриот избор за децата.

Кога човек не може да издржи без благо, темното чоколадо се смета за подобра алтернатива. Ова чоколадо содржи помалку шеќер и е богато со антиоксиданси, кои се добри за срцето и мозокот, покажуваат истражувањата. Сосема логично би било да се претпостави дека истото важи и за децата, но експертите велат дека тоа и не е баш така.

Зошто децата треба да внимаваат со консумирањето темно чоколадо?

Педијатрите и нутриционистите предупредуваат дека родителите треба да бидат внимателни кога станува збор за темното чоколадо во исхраната на децата.

– Препорачливо е детето да не јаде премногу темно чоколадо и да го избегнува пред спиење – вели нутриционистката Ејми Рид.

Причината за ова можеби не е очигледна на прв поглед, но треба да знаете дека темното чоколадо содржи кофеин. Иако количината на кофеин е релативно мала, тоа не значи дека треба целосно да се забрани. Доколку детето изеде малку темно чоколадо, нема да му наштети, но како и со секое друго благо, клучна е умереноста.

Колку кофеин содржи темното чоколадо?

Според американското министерство за земјоделство, 30 грама темно чоколадо со 60-69 отсто какао содржи нешто помалку од 25 мг кофеин, што е приближно исто како четвртина шолја кафе.

– Мали количини обично не се проблем. Но, ако се внесе поголема количина, може да предизвика несакани ефекти слични на оние кај возрасните: проблеми со спиењето, вознемиреност, забрзано чукање на срцето, висок крвен притисок, па дури и гадење или пролив – објаснува педијатарот Бет Нат.

Педијатрите генерално не препорачуваат децата да внесуваат кофеин бидејќи тој е присутен и во многу други намирници и пијалаци, но доколку не може целосно да се избегне, барем не треба да се консумира навечер.

Според Американската академија за педијатрија, препорачаниот максимален внес на кофеин е:

Деца од 4 до 6 години: помалку од 45 мг (што е околу 60 г темно чоколадо);
Деца од 7 до 9 години: помалку од 62,5 мг;
Деца од 10 до 12 години: помалку од 85 мг;
Тинејџери (13+ години): најмногу 2,5 мг кофеин по килограм телесна тежина;
Возрасни: до 400 мг кофеин дневно;

Дали консумирањето на темно чоколадо носи и други ризици?

Некои истражувања покажале дека некои видови темно чоколадо може да содржат тешки метали како олово и кадмиум. Сепак, поново истражување од 2024 година утврдило дека дневната консумација од 30 грама темно чоколадо не е штетна за возрасните, но количините на кадмиум можат да бидат загрижувачки за децата.

Затоа, секогаш е важно да се провери декларацијата на производот. Темното чоколадо со помал процент на какао може да биде подобар избор бидејќи содржи помалку кофеин.

На крајот, најважно е да се запомни дека клучна е умереноста.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top