Справувањето со стресот е еден од најголемите предизвици во животот на децата со попреченост. Овие деца, во контекст на своите индивидуални разлики, можат да бидат изложени на различни стресни ситуации кои произлегуваат од нивната социјална средина, когнитивни способности или емоционални потреби. За деца со аутизам, АДХД, интелектуални тешкотии или други развојни нарушувања, предизвиците во секојдневниот живот може да доведат до стрес и анксиозност. Проблемите со комуникацијата, преоптоварување со информации или промени во рутината се само некои од факторите што може да ги поттикнат овие чувства. Најбитно е да се примени персонализиран пристап кој е во согласност со индивидуалните потреби на секое дете. Во овој текст ги предлагам најдобрите техники што може да се применат за да им се помогне на овие деца да ја контролираат својата анксиозност и да ги регулираат своите емоции.

Доколку детето со попреченост има тешкотии со разбирање апстрактни мисли, најчесто се применуваат визуелни или социјални приказни. Социјалните приказни му овозможуваат на детето да разбере што ќе се случи во одредена ситуација или како да се однесува во текот на тие ситуации. Доколку детето има проблем да учествува во групни активности, може да се создаде приказна за тоа што ќе се случи ако учествува во група и како ќе се чувствува. Доколку детето има проблеми со концентрацијата и следењето упатства, се вклучуваат визуелни потсетници со цел да се прекинат негативните мисли (на пример: „Не можам да го завршам ова“) и да се заменат со позитивни афирмации („Јас можам да го завршам ова ако се фокусирам“). За деца со когнитивни или развојни нарушувања, важно е секоја терапевтска интервенција да биде поделена на мали и лесно разбирливи чекори. Кога детето се чувствува анксиозно поради претстојниот настан, може да се применат чекор по чекор инструкции кои го водат низ процесот. Игри со улоги може да им помогнат да ја вежбаат социјалната интеракција, на пример, да се прават неформални разговори.

Како реедукатор на психомоторика би сакала да ги истакнам техниките за релаксација кои се важен дел од психомоторната реедукација, особено кога се работи со деца со попреченост. Овие техники помагаат во намалување на стресот, намалување на напнатоста во телото и подобрување на фокусот, што е клучно за развојот на моторните и когнитивните способности. Во психомоторната реедукација релаксацијата се користи за да се овозможи подобро согледување на своето тело и контролирање на емоциите, што позитивно влијае врз развојот на самодовербата и емоционалната регулација. Прогресивна мускулна релаксација (ПМР) е техника која се користи за да се научат децата како да ги опуштат мускулите преку напнување и потоа опуштање на одредени мускулни групи.

На детето му се дава налог да ги напрега мускулите на одредени делови од телото (на пример, рацете, нозете, вратот) за 5-10 секунди, а потоа полека да ги опушти за 20 секунди. Ова помага во ослободување од физичка и психолошка напнатост, ја намалува физичката напнатост, ја подобрува свеста за телесните чувства и ги намалува симптомите на анксиозност и стрес. Оваа техника може да се користи во и со илустративни упатства за да им биде појасно кои мускули треба да се напнат и опуштат.


Техниката на длабоко дишење е преку употреба на дијафрагмата, што помага да се смират телото и умот. За децата со попреченост, ова може да биде корисен начин да се справат со стресот или анксиозноста. Детето треба да седне или да лежи удобно и да ја стави едната рака на стомакот, а другата на градите. Детето треба длабоко да вдиши низ носот, така што стомакот ќе се подигне, а не градите, потоа треба да го задржи воздухот на 3-5 секунди, па полека да издиши низ устата, при што треба да се фокусира на движењето на стомакот. Детето може да замисли дека дише „балонче“ кое расте кога ќе вдише и исчезнува кога ќе издише. Оваа техника може да се практикува 3-5 минути секој ден и помага во смирување на нервниот систем, ги намалува анксиозноста и стресот и ги подобрува концентрацијата и фокусот. И оваа техника може да се комбинира со визуализација, каде што детето замислува како „дува“ балон. 

Визуализација (медитација преку слики) е техника која им помага на децата да се концентрираат на мирни и позитивни слики, со што им помага да се опуштат и да ја намалат анксиозноста. Ова е особено корисно за деца со тешкотии во регулацијата на емоциите. Техниката се користи со насочување на децата да замислат мирни, пријатни сцени – како што се плажа, природа, сонце, како начин за ослободување од стрес. Детето може да биде водено низ слика на мирен пејзаж или да замисли дека е дел од некое убаво место каде што се чувствува безбедно и опуштено. Се користи за намалување на стресот и анксиозноста. Помага во емоционално ослободување и позитивно влијае врз концентрацијата и самоконтролата.

Музиката има смирувачки ефект и може да биде исклучително корисна за децата кои имаат проблеми со регулирање на стресот и анксиозноста. За дете со аутизам или АДХД, може да се користи музика со бавен ритам или звуци на природата за да се смири и да се фокусира на зададени задачи. Техники за опуштање со помош на сликање или уметност им помагаат на децата да ги изразат своите емоции и да се ослободат од стрес. Детето се поттикнува да црта или да бои природни пејзажи, животни или слики кои ги претставуваат безбедноста и мирот. Со примена на овие специфични стратегии и техники можно е да им се помогне на децата да ги регулираат своите емоции и да се чувствуваат посигурни и смирени, но најважно е родителите, наставниците и терапевтите да работат заедно за да создадат безбедно и поддржувачко опкружување во кое децата ќе се чувствуваат сигурни и ќе можат да напредуваат.

Автор: Марија Давчевска, специјален едукатор и рехабилитатор/ наставник- ментор/ реедукатор на  психомоторика



912

X