Замислете да одите на работа со автобус и автомобил-играчки, да готвите во пластична кујна, да спиете во мало креветче за кукли. Така никогаш нема да стигнете на работа, вечно ќе бидете гладни и секогаш ненаспани. Јас не сум разочаран, само сум тажен, но публиката е таа што ја разочаруваме, вели актерот Бојан Кирковски

Театарот за деца и младинци годинава одбележува 30 години постоење. Како единствен национален театар специјализиран за деца и младинци, во три децении образовал и забавувал илјадници деца што пораснаа со претставите. Првите неколку години театарот работел на повеќе локации и изведувал претстави во Универзалната сала, во Драмскиот театар или во МНТ, по училишта. Првата претстава што ја извеле била „Чудовиштата од нашиот град“ по текст на Русомир Богдановски, а премиерата се случила на 25 март 1990 година. Во актуелната зграда, која не е наменета за театарска установа, ансамблот е од 1998 година. Сцената е мала, а гледалиштето веќе не ги задоволува потребите на публиката, која постојано бара карта повеќе.

Сè уште нема ништо конкретно за нова зграда

Ансамблот на овој театар и публиката никако да добијат достоинствено место, а според информациите од Министерството за култура, тоа нема наскоро да се случи. Aктуелниот заменик-министер Владимир Лазовски (долгогодишен актер во ТДМ) во декември 2018 година најави дека е започната постапка и изработка на документацијата за изградба на нов објект и дека било планирано локацијата да биде во централното градско подрачје. Тогаш додаде дека до мај 2019 г. треба да се заврши проектната документација.

Сцената на Театарот за деца и младинци

На прашањето до каде е процедурата за нова зграда за Театарот за деца и младинци, од Министерството за култура ни одговорија:

– Театарот за деца и младинци својата дејност ја остварува во објект кој по намена е првично изграден како станбена зграда, а не како театар, и е пренаменет и адаптиран во театар. Во тој контекст, јасни се намерите и заложбите на Министерството за култура да обезбеди нов простор за оваа установа. Нема дилема дека Театарот за деца и младинци заслужува подобри услови имајќи ги предвид сите успеси, многубројните претстави и посетеноста. Одговорните лица во Министерството за култура имаат активности за обезбедување на целокупната документација, вклучувајќи обезбедување финансии и избор на локација, по што ќе се пристапи кон другите аспекти за реализација на зацртаните намери и заложби на Министерството.

Овде доживеавме огромни успеси

Директорката на Театарот за деца и младинци, Катарина Илиевска-Силјановска, вели дека придвижување на напорите за изградба на нова зграда за театарот има.
– Но, тоа ќе го објавиме кога ќе биде време, не би сакала сега да откривам – вели директорката и додава:

– Да бидам искрена, не сум нималку несреќна зашто јубилејот го одбележуваме овде, зашто токму на ова место нашиот театар доживеа огромни успеси, но и ова место ќе биде важно зашто одовде ќе го обзнаниме новото – вели Илиевска-Силјановска.

Катарина Илиевска-Силјановска

Играње во несоодветни услови е голема болка и за актерите на театарот. На речиси секоја прес-конференција и јавен настан тие не се воздржуваат да упатат апел. За актерот Бојан Кирковски, не е важно дали е тој разочаран што сè уште немаат нов театар, туку публиката е таа што е разочарана.

– Замислете да одите на работа со автобус и автомобил-играчки, да готвите во пластична кујна, да спиете во мало креветче за кукли. Така никогаш нема да стигнете на работа, вечно ќе бидете гладни и секогаш ненаспани. Јас не сум разочаран, само сум тажен, но публиката е таа што ја разочаруваме – вели Кирковски.

Бојан Кирковски: Јас не сум разочаран, само сум тажен, но публиката е таа што ја разочаруваме

Март во знак на јубилејот

Одбележувањето на јубилејот веќе е почнато, ни најави Илиевска-Силјановска, која долги години е актерка во театарот. Главното одбележување ќе биде во март. Месецов беше организирана работилница за водење и изработка на кукли по изведбата на претставата „Девојчето со кибритчињата“.

– Уште неколку такви и слични работилници ќе имаме во март, под наслов „Мали театарски експерти“. Ударната славеничка програма ќе ја имаме од 20 до 27 март и ќе биде програма достојна за јубилејот. Точно таа седмица е земена предвид зашто 20 февруари е Светски ден на детскиот театар, 21-ви е Светски ден на куклениот театар, на 25-ти е нашиот роденден, а 27-ми е Светски ден на театарот. Ќе промовираме монографија по повод 30 години од Театарот за деца и младинци, која ја изработи Тодор Кузманов – вели Илиевска-Силјановска.

112 деца можат да следат една претстава

Таа најавува дека периодов работат младинска претстава на тема врсничко насилство или булинг, а премиерата се очекува на почетокот од март. Станува збор за „Што е силеџија?“, по текст на Горјан Милошевски и Хана Миленковска, која е и режисер на претставата. Директорката најави дека претставата ја работат со сопствени средства.
Една од новините што Илиевска-Силјановска ги најавува е дека наскоро ќе почнат да спремаат и претстава за бебиња, новитет кој е веќе втемелен во соседните земји и пошироко.

Просторијата служи и за чување на дел од костимите и за читачки проби

Овде се чува фундусот на театарот – костими, реквизити

Фото: Борче Поповски



912

X