Да добивавме по еден денар секогаш кога нашето дете немаше да нѐ послуша, сега ќе имавме голема заштеда, нов автомобил, фантастични слики од скапи летувања и зимувања, или помалку маки при плаќањето на сметките. Тоа е неоспорен факт зашто децата честопати едноставно ги игнорираат нашите молби, па затоа не треба да ги молиме.
Иако ова е сосема спротивно од сите досегашни совети на развојните психолози, кои ни порачуваа на децата да им се обраќаме со почит, како на возрасни, разумни и соработливи личности, треба да се признае дека ваков пристап не поминува во сите ситуации и кај сите деца. Тие едноставно имаат периоди кога молбите и прашањата ги сфаќаат буквално, па одговараат во согласност со тоа.
Не треба да им се наредува на децата
Кога ќе прашате возрасна личност во ресторан да ви ја додаде солта, не постои можност одговорот да биде негативен, но затоа повеќето деца кога ќе ги прашате дали можат да одат да се избањаат, ќе ви речат НЕ или НЕ СЕГА. Возрасната личност ова барање нема да го доживее како прашање, но затоа секое дете ќе заклучи дека НЕ е исто така прифатлив одговор како и ДА.
Психологот Линда Акредоло, советник за родители, не е заговорник за тоа да им се наредува на децата, но нагласува дека децата мора да добиваат јасни инструкции.
Прашањата со кои возрасните покажуваат љубезност, а не се прашања, само ги збунуваат децата и затоа треба да се избегнуваат. Децата сакаат да имаат што поголема контрола над своите мали животи, па ќе ја искористат секоја можност да ја спроведат својата волја. Да се бањаат кога сакаат, да спијат до кога сакаат, да си играат и кога не е време за игра – објаснува Акредоло.
Со неа се согласува и д-р Ален Е. Каздин, професор по психологија и детска психијатрија на Универзитетот „Јеил“, и додава дека секое барање може да се изговори со пријатен глас, а тоа ги зголемува шансите да биде исполнето.
„Те молам“ е волшебен збор токму тогаш кога не молите, туку барате нешто
„Те молам веднаш да ги собереш играчките“, детето не може погрешно да го сфати, како што мое да се случи ако кажете: „Можеш ли, те молам, да ги собереш играчките?“
Кога вие како родител ќе научите да правите разлика помеѓу тоа, ќе научи и детето, вели д-р Каздин и порачува од комуникацијата со децата да се исфрлат реторичките прашања.
И д-р Каздин и Линда ја истакнуваат волшебната моќ на зборот „благодарам“, особено во ситуации кога детето ги послушало родителите и направило нешто што претходно би го избегнало.
Кога по вашата реченица „Те молам веднаш да ги собереш играчките“ детето ќе ја прекине играта и ќе го направи тоа што сте го побарале, задолжително заблагодарете му се зашто така покажувате дека го почитувате неговиот напор и неговата послушност. Ако почувствува дека сте задоволни од неговото однесување, ќе ве послуша и наредниот пат, а тоа ви е целта – објаснува д-р Каздин и наведува неколку примери кои на родителите може да им помогнат да се снајдат во разни ситуации.
Погрешно
„Што сакаш да облечеш утре за градинка?“
Делотворно
„Сакаш ли утре да облечеш розова или зелена маица?“
Погрешно
„Колку пати кажав да ја средите собата? На што личи? Можете ли да го средите тоа веднаш?“
Делотворно
„Ве молам во овој момент да почнете да ја средувате собата. Доаѓам за 10 минути да ги земам работите за перење“.
Погрешно
„Можеш ли да го оставиш тој таблет и да направиш нешто корисно, за промена?“
Делотворно
„Те молам веднаш да го оставиш таблетот, да се соблечеш и да се подготвиш за туширање!“
Сфаќате? Не треба да молите, туку да барате да се направи нешто, и тоа додека децата се уште многу мали. Само така детето ќе научи дека постојат барања околу кои не се полемизира.