Речиси секој ден имаме нешто ново креативно да правиме. Немам против децата да одат на некакви активности, ама не сакам да бидат под притисок, вели скопјанката Софија Стојкоска, која е мајка на четири девојчиња
Софија: Најдобро се одморам со правење креативни изработки заедно со девојчињата
Сите ние што имаме деца во градинка или на училиште потајно посакуваме да има родители што најдоброволно губат од своето слободно време за да се борат за подобри услови на децата во тие установи. Софија Стојкоска од Скопје е една таква мајка. Нејзе никогаш не ѝ е тешко да учествува на работилница, да создаде изработки и да ги подари на градинката „Орце Николов“ во Карпош 2, да даде креативна идеја, па и да направи нешто заедно со децата и воспитувачките. – Среќа е што и воспитувачките Ане и Дијана и негувателките Силве и Биле се суперпосветени на децата и имаме убава соработка – вели таа.
32-годишната Софија не е посебна само поради тоа. Таа е мајка на четири прекрасни девојчиња, но и медицински лаборант во болницата „8 Септември“. Смирена, трпелива, во ниеден момент да се пожали дека ѝ е тешко, иако и самата има здравствени проблеми. Еден од нив е астмата, која, за жал, од неа ја наследиле и девојчињата. Вели: „Не сакам да се жалам, што да кажат мајките што имаат поголеми проблеми и повеќе деца. И повторно да се родам, би родила четири деца“.
Сите се родени на некој празник
Како изгледа секојдневието во големо семејство и како ѝ успева да постигне сѐ? Интересно е дека сите деца ѝ се родени на некој празник или симболичен ден.
– Лилјана (12) и Верица (10) се родени на Велигден. Елена (4) е на Прочка, а Неда (2) – на 1 Април, светскиот Сен на шегата. Јас сум родена на Крстовден, а сопругот е Илија. Денот со четири деца е напорен и прекрасен. Кај нас секогаш е празнично. Претежно јас сум ангажирана со девојчињата. Легнување, средување, разнесување – тоа го правам јас, тато прави сѐ друго што треба. Како растат, се намалуваат обврските околу нив и сами можат да си прават работи – вели Стојкоска.
Алармот ѕвони во 6 часот. Сите се на нога и чекаат ред за во тоалет. Во станот имаат еден тоалет и веднаш ви се врти низ глава како функционира тоа, особено со четири девојчиња.
– Му даваме предност на тато, па потоа едно по едно се средуваат девојчињата. Најинтересно е кога се бркаме за чешел, на пример, оти сите имаме долги коси. Сите сакаат долга коса и никоја не сака да си ја скрати. Си се проверуваме дали сме исчешлани и може да се напушти домот. Живееме во Порта Влае, но децата учат во „Вера Циривири-Трена“ во Карпош 2, најмногу за да бидат што поблиску до моето работно место за да можам брзо да реагирам доколку добијат напад на астма. Многу сум среќна што имам прекрасни колеги и претпоставени, кои имаат големо разбирање за нас. Да не беше така, јас можеби немаше да можам да работам – споделува Софија.
Вели дека од мала ја засакала хемија благодарение на наставничката по хемија Антоанета Петровска, во истото школо кај што учат и девојчињата, која ѝ ја пренела љубовта кон хемијата. Софија се запишала на Медицинскиот факултет веднаш по матурирањето, но 2 години подоцна се родило првото дете и не можела да продолжи да студира.
– Сега веќе навистина не можам да го завршам. Но, среќна сум како лаборант, работам во колектив кој е супер и исполнета сум со тоа што го имам и правам. Искрено, кога одам на работа, се одморам физички – се смее Софија.
Неда е најмалата во семејството Стојкоски
Сите си помагаме
Ги учи девојчињата да си помагаат меѓу себе, но и да ги почитуваат родителите. Ова го постигнала со многу трпение и со претпочитање на „благодарам, извини, те молам“ и на нивното значење. Децата се послушни и кога ќе ги замолам да направат нешто, „не може“ не е опција.
– Низ годините научив дека кога сакаш да добиеш нешто, треба да го „изнудиш“ тоа на културен начин. Кај мене не постои фразата: „Ајде направи го тоа!“, туку: „Те молам, направи го тоа“. Дури и најмалата собира коцки и помага за да ја поставиме масата за јадење. Се обидувам да правам за сите исто. Што и да сакаат, за родендени, имендени…се трудам на сите еднакво да им се посветам. Карактерно се многу слични, освен Неда, која е потемпераментна и можеби поради тоа и не ми е многу тешко да функционираме – признава Стојкоска.
Мама им прави фустанчиња за родендените во градинка
Таа додава дека некои од децата се алергични и на некоја храна, па понекогаш мора да прави и по 2 ручеци. Но, супа и салата задолжително мора да има на трпезата секој ден.
– Секогаш го чекаме тато за ручек. Ручекот ни е секогаш заеднички – категорична е таа.
– Тато е нонстоп на работа, се случува да дојде подоцна… Сакам да ручаме заедно, па го чекаме оти сметам дека многу е важно да сме на едно место заедно, тоа некако ми има посебен шарм и ми е многу важно. Се смееме, тоа е време за секој да си каже нешто, каков му бил денот. И за големите празници се трудам да сме сите собрани на едно место и да си посветуваме внимание. Си имаме договор дека кај нас се плаче само кога некого нешто го боли и има причина. По дома сме гласни, ама не викаме, не сме хаотични, туку гласно се смееме! – вели таа.
Софија признава дека и самата е научена на ред. Растела во четиричлено семејство, а татко ѝ бил воено лице.
Сите на купче: Семејство Стојкоски
Од мала многу ѝ помагала на мајка си, од која има научено многу за правење декорации, вешти изработки, украсувале на свадби, родендени, крштавки…
– Сега во градинка и на училиште го правам истото колку што можам. Им давам предлози што да правиме, а особено ми е мило кога ќе направат нешто, па ќе ми кажат дека им се допаднало – споделува Софија.
Ане и Силве се суперпосветени на децата, вели Софија
Таа избира поинакво славење на родендените на децата. Игротеките не ѝ се омилена локација, туку прославите по дома, а и во градинка или на училиште.
– Не пропушатме да прославиме роденден. Немам ништо против игротеките, ама тие ми се излишен трошок – и за тој што прави и за тој што треба да дојде. Во градинка си правиме родендени. Секогаш се тематски и децата се пресреќни, а родителите се без обврска за подароци – вели таа.
Од „работилницата“ на Софија и девојчињата
Најубаво ни е кога сечкаме и лепиме по дома
До пред шест годиниго славела и нејзиниот роденден, но се случил немил настан.
– Лиле не сакајќи се изгоре со жешка вода додека варев кафе во кујна. За среќа, нема последици, иако изгорениците беа од четврти степен. Оттогаш реков дека нема да славам роденден. Си имам именден на 30 септември и тогаш ми честитаат – вели Софија.
Како им изгледаат попладнињата? Мајката на четирите девојчиња признава дека најубаво им е кога се дома и кога изработуваат нешто креативно, сечкаат, лепат. Софија не е поборник на дополнителни активности.
Софија: Од децата нема поголемо богатство
– Речиси секој ден имаме по нешто ново да правиме. Немам против децата да одат на некакви активности, ама не сакам да бидат под притисок. Големите одеа на пливање одреден период, ама неколку пати им се случи да добијат спазматични напади и престанавме. Најубаво ми е кога седам со нив и правиме нешто креативно, мене тоа ме одмора. Знам некогаш да им кажам да одат да играат во детска, а јас да испијам кафе на раат. Многу често помагаат, ги вклучуваме и помалите оти моторичката активност за нив е битна. Кога имаш повеќе деца, многу е тешко да бидеш сам – раскажува мајката.
Таа се смее дека многумина очекуваат кај нив да видат неред кога ќе влезат, но не е така. Со добра организација сѐ се постигнува, раскажува Софија.
– Човекот е како чаша, падне ли, се скрши, толку е. Гледајте да не се скршите. Тогаш не може никој да ви помогне – тоа ги учам моите деца.
На прашањето дали некогаш замислувала дека ќе има повеќе деца, вели дека си замислувала дека ќе има два сина (дури имала и имиња за нив – Никола и Спиридон).
– Од децата нема поголемо богатство. Напорни се и тешки за чување, ама секоја нивна насмевка мене ми дава сила. Првото го добив на 21 година. Сега кога би се вратила назад, ништо не би сменила. Јас не се жалам, а замислете некоја мајка што има повеќе деца од мене? Како тече нејзиниот ден? Животот е борба, најважно е да го цените и почитувате тоа што го имате и што го сакате. Јас ги сакам и добрите и лошите моменти што ги имам и сето тоа нѐ прави да бидеме посилни, поборбени, повеќе да го цениме животот, повеќе да се надеваме, да веруваме – завршува Стојкоска.
912